Тунџев: Имотот во Радишани воопшто не е на Петровска

/

Министерката за одбрана Славјанка Петровска попладнево не доби извинување од поранешниот припадник на Армијата, сегашен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој тврди дека таа имала непријавен имот – хациенда со базен во Радишани.

Петровска на прес конференција се закани со тужба за клевета доколку Ковачки не и’ се извини за презентирањето лаги и неточни податоци. Меѓудругото со покажувањето на фотографии од објект во Радишани, нарушена е приватноста на семејството кое живее на оваа адреса.

Директорот на Катастарот Борис Тунџев во изјава за „Слободен печат“ потврди дека споменатиот имот во Радишани, според катастарската евиденција воопшто не е на Петровска.

-Подобро да и се извини на министерката. Ова се ноторни лаги и невистини и покажуваат безидејност на опозициската партија која мавта со невалидни јавни документи од Катастарот. Министерката поседувала иделен дел, помалку од една третина од земјиште во КО Радишани до 2020 година кое го оттуѓила со купопродажен договор на лицето кое сега е сопственик на таа парцела, вели Тунџев за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека она што денеска Ковачки го презентираше пред медиумите, е пописен лист со незапишани  и неутврдени права креиран во 2011 година, кој се користел во постапките на систематско запишување на правата врз недвижностите во катастарот на недвижности за КО Радишани и истиот не претставува доказ за сопственост.

-И во овој документ покрај нејзиното име стои право на сопственост – нула. Станува збор за класична лага. Петровска воопшто нема имот во Радишани како што самата потврди денеска. Тоа што било кое лице е евидентирано во некој пописен лист, не значи дека истото тоа лице е и носител на правото на сопственост на таа недвижност, појаснува Тунџев.



Тој укажа дека било кое заинтересирано лице може врз основа на поднесено барање да изврши увид во податоците за запишаните права во катастарот на недвижности. Тие се јавна книга и се јавно достапни.

Извор: Слободен Печат



Претходна статија

Протест во Софија против враќањето на хартиените гласачки ливчиња

Следна статија

Ковачевски: Со работењeто на цел капацитет на РЕК Битола ќе нема потреба од увоз на струја

Најново од Вести