УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА СО НОВИ ПРОЕКТИ

Вести Истакнато Македонија

Универзитетската клиника за психијатрија–Скопје почна со имплементација на два научно-истражувачки проектa, во рамки на програмата на Европската Унија за истражување и иновации HORIZON 2020, во соработка со водечки европски институции на ова поле. Двата проекта се во рамки на реформите во областа на менталното здравје во нашата земја, со посебен фокус на развој на систем ориентиран кон заедницата.

ИМПУЛС студијата е водена од QUEEN MARY UNIVERSITY OF LONDON, во партнерство со неколку институции од Југоисточна Европа. Целта на оваа тригодишна студија е забрзување на развојот на ефективна социјално-базирана ментална здравствена грижа во овие држави преку имплементирање интервенција заснована на докази, која е лесно испорачлива и достапна, а истовремено и финансиски исплатлива алатка наречена DIALOG+. Интервенцијата е технолошки асистирана и базирана на комуникација насочена кон пациентот, истражувања направени за квалитет на живот и терапија, фокусирана на наоѓање решение. Дизајнирана е да ги направи рутинските средби меѓу клиничарите и пациентите структурирани, сеопфатни и терапевтски поефикасни. ДИАЛОГ+ алатката е ефикасна во редукција на клиничките симптоми, во подобрување на квалитетот на живот и во намалување на цената на третманот.
RECOVER_E студија е водена од TRIMBOS Institute од Холандија, заедно со University of Heidelberg. Целта на оваа студија е насочена кон дизајнирање, имплементација и евалуација на сервиси за ментално здравје насочени кон заедницата за лица со потешки ментални растројства, по примерот на веќе успешно воспоставените модели, во земјите на Европската Унија, односно според моделот во Холандија-the Flexible Assertive Community Treatment (F-ACT). Овој модел е насочен пред се кон препознавање на потребите на лицата со ментални растројства, подобрување на нивниот квалитет на живот и степен на функционирање, со реструктурирање на службите насочени кон реинтеграција и ресоцијализација на овие лица. Во рамки на оваа студија се планира развивање протоколи за третман, базирани на докази, како и зајакнување на капацитетите на персоналот во насока на одржливост на овие сервиси. Станува збор за три ипол годишна студија, кој ќе биде спроведена во пет земји на Југоисточна Европа, меѓу кои е и Република Македонија.