Нормализирањето на односите помеѓу Македонија и Бугарија како две соседни држави и блиски народи во изминатите 27 години откако Република Македонија е независна држава, вцртана на политичката карта на светот е „Сизифова работа“. Секој оној кој се обидел да ги објасни потребите и нужноста од воспоставување на добри меѓудржавни релации на секое поле: културолошко, општествено, инфраструктурно, но најмногу економско, бидувал сатанизиран и ставен на општествениот „ ѕид на срамот“, честопати етикетиран како „ предавник и бугарофил“.
Сензитивноста на историскиот напластен проблем , помеѓу двете земји е производ на повеќеслојни нерешени прашања: заедничкото историско минато ( во кое се испреплетуваат историски настани, личности и дејци), за кои и двете држави официјално полагаа право на нив, државната пропаганда со која се оцрнуваа и пежоративно се претставуваа нациите особено во „железниот комунистички“ период ( 1945-1989) година,особено од оваа страна на границата, создаде еден длабок историски антагонизам помеѓу двете нации и држави. За да го разбереме проблемот, на вистината треба да и погледнеме од двете страни, т.е да ги разбереме двете „ историски “ вистини. Националното милје на бугарската историографија од втората половина на деветнаесетиот век ( 1878 година), кога Бугарите добиле своја национална држава, до наши дни, Македонија и се што значи нејзино историско, културолошко,јазично, географско, и од секој друг аспект, се смета за „ бугарско наследство и бугарска своина“.
Историскиот сентимент, на загинатите стотици илјади бугарски војници за „ ослободувањето на Македонија“, македонските културни и револуционерни дејци, за кои во не толку мал број се изјаснувале за „ македонски Бугари“, православното наследство на Бугарската егзархија во „ бугарскиот Ерусалим “ ( Охрид), се само дел од националното верување на Бугарите во однос на „ македонското прашање“. Од другата страна на границата, по воспоставувањето на државен македонски ентитет во рамките на СФР Југославија после Втората светска војна, започнал процесот на „ македонизација “, односно силен турнус на создавање на една нова модерна политичка нација.
Изразениот антагонизам, проектиран во националниот социјално-конструктивистички тип на Македонците кон се што е бугарско и Бугарија, создал пежоративни поимања за до тогаш најблиските соседи, кои останале во колективниот сентимент и до денешни дни: „ Татари, Цигани, за една червена“, кои се само метафора на свесното историско раздвојување на двата блиски народи. Оттука, после независноста на Република Македонија, тие антагонизми со одредени осцилации, беа во предвидената „ историска посока“: силни историски фрустрации кај Бугарите за „ македонското прашање“, и изразен сентимент на антагонизам и одбивање на Македонците кон Бугарите.
Договорот за добрососедство и пријателство кои го потпишаа премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев, е само прв чекор кон тешкото помирување и нормализирање на односите помеѓу двете држави. Културна соработка, научно-историска, инфраструктурно поврзување, бизнис соработка, образовно-училишни чести контакти, размена на ученици, студенти се само дел од работите кои треба да се интензивираат и со сериозни напори, искрена волја и желба да се работи на конечно уривање на психолошкиот железен бариерен ѕид помеѓу двете општества и двата народи.
Очигледно, не е воопшто едноставно и лесно ова на практика да се спроведе преку ноќ, но еманципаторските , европски и модерни сили од двете страни на границата треба да бидат носечки столбови на изградбата на новата архитектура на бугарско-македонските односи. Ретроградните сили, оние кои 75 години ги изградија тие емоционално-психолошки ѕидови , управувани од далечинскиот управувач на „ подземен Белград“ и овој пат, ќе работат со сите свои усилби процесот на нормализација да не успее. Визијата, мисијата за европеизирање и напуштање на балканскиот примитивизам, започната од двете државни раководства е во тек и враќање назад, не смее да има. За наше, заедничко,европско општо добро.
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки