„УШТЕ ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ СЕ ЗРЕЛИ ЗА СЕРИЈА А“

Само прашање на време е кога македонскиот бисер Елиф Елмас и официјално ќе стане нов фудбалер на Наполи и со тоа најскап македонски играч во историјата, за да ја зголеми колонијата на наши фудбалери на Чизмата, каде можно е во блиска иднина уште повеќе да се зголеми истата.

Менаџерот на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, Леонардо Корси, кој е добар познавач на македонските фудбалери и потенцијалот кој го имаат за италијанските медиуми посочи дека Наполи завршил голема работа зашто успеал да ангажира екстраталентиран фудбалер, но додаде дека уште двајца фудбалери се зрели да дојдат во Серија А.

„Елмас е 99-то годиште, еден од најинтересните таленти во Европа, играч со голем потенцијал и знам дека многу клубови сакаа да го ангажираат, па треба да му се честита на Наполи што успева да го купи. Од друга страна, има уште македонски играчи кои се подготвени и зрели за италијанскиот фудбал. Пред се Бобан Николов и Енис Барди од Леванте. Барди веќе игра во екстра лига како Ла Лига и сите високо го ценат. Јас навистина го препорачувам него, како и Николов“, вели Корси.

За Николов, кој е член на унгарски МОЛ Види веќе имаше најави за интерес од повратникот во калчо-елитата Бреша, за разлика од Барди кој е врзан со силен договор и голема откупна клаузула со Леванте, но е на радарот на многу клубови кои би сакале да го ангажираат.

Во новата сезона, Пандев останува во Џенова, Несторовски е пред потпис со Удинезе, а Елмас веќе извесно дека ќе дојде во Наполи. Можно е и Александар Трајковски да се врати во Серија А, па македонската колонија на Чизмата во елитното друштво да биде најбројна досега, а можеби и да се зголеми во блиска иднина.

Sport1.mk



Слични Објави