Вчерашниот ден најтопол во историјата, рекордот се урива два дена по ред
Научниците ја измериле највисоката просечна глобална температура во историјата пред два дена, но сепак, вчерашниот ден 4 јули, бил уште потопол, покажуваат податоците на експертите од Универзитетот во Мејн.
Два дена по ред глобалната просечна температура достигна рекордни нивоа, а во понеделник на 3 јули изнесуваше 17,01 степени.
Откако научниците зборуваа за драматичната топлина во понеделникот, вторникот беше потопол за 0,17 степени Целзиусови, што е огромен температурен скок во однос на глобалните просеци и рекорди, пишува „Гардијан“.
Истиот климатски калкулатор на Универзитетот во Мејн, врз основа на сателитски податоци и компјутерски симулации, предвидува слична температура за денес, која исто така ќе биде на рекордно високо ниво.
Антарктикот моментално е за 4,5 степени Целзиусови потопол отколку во периодот од 1979 до 2000 година.
Во вторникот, Светската метеоролошка организација, метеоролошката организација на ОН, потврди дека Ел Нињо се вратил. Експертите предвидуваа дека ова, во комбинација со зголемената топлина од глобалното затоплување, ќе доведе до повисоки рекордни температури.
„Ел Нињо сè уште не го достигнал врвот, а летото е во полн замав на северната хемисфера, така што не би било изненадувачки ако рекордот повторно биде соборен во наредните денови или недели“ рече д-р Пауло Цепи, предавач на Институтот Грантам во Лондон.
Различни делови од светот доживеаја топлотни бранови. Во понеделникот, Велика Британија го забележа најтоплиот јуни досега. Југот на САД е жежок во последните недели.
Северна Африка доживеа температури до 50 степени Целзиусови, а на Блискиот Исток илјадници луѓе страдаат од неподнослива топлина додека одат на верски аџилак во Саудиска Арабија.
„Најверојатно ќе има благ пад во наредните денови, но бидејќи годишниот максимум на глобалната температура е на крајот на јули, веројатно е дека повеќе денови ќе бидат потопли од вчера. (бидејќи Ел Нињо сега е прилично во полн замав)… Постои шанса јули да биде најтоплиот месец досега“, рече д-р Карстен Хустеин, научен соработник за атмосферско зрачење на Универзитетот во Лајпциг.
Дури и Антарктикот, каде што моментално е зима, забележа високи температури. Украинската истражувачка база Вернадски, на аргентинските острови, неодамна го собори јулскиот температурен рекорд со отчитување од 8,7 степени Целзиусови.
„Температурите создадени од овие рекордни денови точно се совпаѓаат со очекувањата за климатските промени предизвикани од човекот“, рече Илан Келман, професор на Институтот за намалување на ризик и катастрофи на Лондонскиот колеџ и додаде:
Бидејќи зголемените температури предизвикуваат влошување на топлотните бранови, вклучително и ужасната влажност, се очекува значително зголемување на смртните случаи, пишува „Гардијан“. Многу луѓе не можат да си дозволат ладење во затворен простор, а некои мора да бидат надвор за работа. Топлината во комбинација со влажноста тогаш станува тивок убиец, бидејќи често не сфаќаме колку луѓе се во неволја, особено кога температурите не се намалуваат ноќе.