|

(Видео) Арсовски: Само имотот на АД „Славија“ во Кисела Вода чини над 4 милиони евра

Власта на СДСМ, предводена од Зоран Заев и пионот Димитар Ковачевски, сака да ја продаде АД „Славија“ за 218.535 евра, без никаква процена од ниту една институција, обезвреднета, а целата фирма со својот имот и земјишта чини повеќе од 20 милиони евра, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Овој имот зад мене се старите магацини на ‘Славија’ во Кисела Вода, кој е во сопственост на АД ‘Славија’, според официјалната процена од 2016 година чини над 4 милиони евра. Ова е еден од објектите кој е една од најкрупните причини за продажба на АД ‘Славија’ како атрактивна локација за градење, каде што во согласност со плановите треба да никнат згради како што може да видите и во околината. Предвидена урбанизација, тоа го насетил некој од власта и сака обезвреднета фирма да купи за 218.535евра и да заработи десетици милиони евра. Ако ги земеме предвид атрактивноста на локацијата и земјиштето, цената на ова земјиште, кое ѝ припаѓа на ‘Славија’, може да скокне многу над 4 милиони евра во наредните години.

Замислете, целата криминална багра во власта предводена од Зоран Заев и сега веќе од пиончето Димитар Ковачевски за 218.000 евра сакаат да го продадат и некој нивни да ги купи овие атрактивни локации како оваа зад мене со магацинските простори, но и управната зграда на АД „Славија“, каде што можевте вчера да забележите за каков имот станува збор, а јавноста во наредните денови ќе дознава и за многу други атрактивни локации на кои им фрлиле мерак“, рече Арсовски.

Уште еднаш апелираме до сите оние што кружат како имиња замешани во целиот овој криминален процес во најава, тука ќе ги споменам – прв Зоран Заев, ќе го споменам Фатон Асани, кој излезе да го брани овој криминал во најава јавно на телевизија, ќе го потсетам Љупче Николовски – Путерот дека треба да лови корупција, а не да ја организира, ќе го споменам од познати причини, а кој се интересира за АД „Славија“, и Рубин Земон актуелен пратеник од СДСМ, кој наоколу уличарски организира продажба, и сите овие луѓе да не си играат, да прекинат со овие криминални глупости и да ја повлечат продажбата, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски потенцира дека „Славија“ вреди над 20 милиони евра, а не 218.000 евра.

Тој ѝ порача ма антикорупциската комисија да не спие бидејќи, како што рече, сите ќе бидат соучесници доколку се случи ваков криминал.

„И по падот на власта, треба да се свесни овие луѓе дека и утре ќе има ден. Тогаш треба да бидат свесни дека ќе одговараат и ќе заглават дебело за овој криминал што сакаат да го направат“, заклучи Арсовски.

Извор: temite.mk



Слични Објави