|

(Видео) Државјанството од денес електронско, Спасовски го претстави како алатка против корупција на шалтерите на МВР

Од денес за уверение за државјанство граѓаните ќе може да поднесат барање по електронски пат, а во електронска форма и ќе го добијат документот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дигитализирањето на уверението за државјанство го најави како алатка за борба против корупција на шалтерите на МВР.

„Ова е еден важен аспект и за евроинтеграциите бидејќи на тој начин се подобруваат и квалитетот и ефикасноста во обезбедувањето на услугите за граѓаните. Ќе се обезбеди континуитет и непречена работа на институциите, а воедно, и најважно, ова е успешна алатка за борбата против корупцијата, која се појавува токму во ваквите институции“, рече министерот Спасовски.

Работните тимови од одделот за информатика и комуникации и одделот за граѓански работи во МВР во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација овозможија преку националниот портал за електронски услуги барањето да се реализира преку имејл-адреса или преку мобилен телефон.

„Барањето се поднесува лично за себе или за своето дете. Услугата е достапна на веб-страницата uslugi.gov.mk. Барање може да поднесе лице што има државјанство на Република Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги преку системот за единствена најава“, рече министерот Спасовски.

Досегашниот начин на издавање уверенија за државјанство во хартиена форма останува. Граѓаните и натаму ќе може лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на МВР, независно каде што имаат пријавено живеалиште, да поднесат и да добијат државјанство.

Министерот Спасовски најави дека како МВР ќе продолжат со дигиталната трансформација на процесите и услугите во наредниот период со цел да обезбедат брзи услуги за граѓаните преку намалувањето на влијанието на човечкиот фактор.



Слични Објави