(Видео) Г’рдев: За тензиите околу извештајот на ЕП е виновен Мицкоски
Ако некој е виновен за тензиите околу извештајот на Европскиот парламент за подготвеноста на Република Северна Македонија да започне преговори за членство во ЕУ, тоа е премиерот Христијан Мицкоски. Тој започна со цитати од извештајот, кој сè уште не беше објавен и усвоен, и почна да се фали дека наводно тој ги става точките на дневниот ред. Ова го изјави пратеникот од ИТН и претседател на Комисијата за европски прашања, Димитър Г’рдев, во емисијата Euronews PrimeTime на бугарската телевизиja Euronews-Bulgaria.
Според него, тоа доведе до ескалација на тензиите, при што станаа јасни неколку основни прекршувања:
Самиот извештај е компромитиран, прво затоа што доверливи информации добива премиер на држава која не е членка на ЕУ. Второ, во самата структура на извештајот видовме дека се носат заклучоци и се зборува за македонски јазик и за идентитет – прашања кои не се предмет на овој извештај. Неговата основна цел е објективна анализа на напредокот или задоцнувањето во исполнувањето на критериумите на Европската унија, кои се резултат на европски консензус.
Според Димитър Г’рдев, Бугарија активно учествувала во изготвувањето на оваа рамка, а на неа свој потпис ставиле сите земји-членки на Европската унија.
„Кога се потпишува еден договор, тој не се потпишува еднострано од една личност, туку од држава“, додаде Г’рдев. Тој не ја исклучи можноста за истрага за дејствијата на главниот известувач Томас Вајц поради протекување на документот.

