(Видео) Кузевска: Скопје е пред банкрот
Главниот град Скопје е пред банкрот, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека во јавноста веќе има информации дека Град Скопје е со блокирана сметка поради заостанати долгови.
„Мицкоски, Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ, најголемата единица на локалната самоуправа, со убедливо најголем буџет од 100 милиони евра, Скопје, го доведоа до банкрот. Досега вакво нешто се нема случено. Но, секогаш кога оваа партија ќе дојде до власт и во допир со парите на граѓаните, на Скопје му се случува катастрофа. Празната каса на Град Скопје значи и помалку пари за јавните претпријатија, кои и сега не функционираа како што треба. Јавниот превоз е во колапс, вработените во ЈСП веќе еднаш штрајкуваа, протест имаше и во ЈП ‘Комунална хигиена’, а катастрофална е ситуацијата и во ‘Водовод и канализација’, во ‘Градски паркинг’ и во другите претпријатија и установи под надлежност на Град Скопје“, рече Кузеска.
Како што додаде, при доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска наследија полна каса, со активни 13 милиони евра на сметка, со годишен буџет од над 100 милиони евра. Вели дека парите се потрошени, а не е изградено ништо.
Таа праша каде завршија парите на скопјани, парите на граѓаните? Сума од над 100 милиони евра.
„Како може да нема ниту еден, повторувам, ниту еден реализиран проект, а Градот да биде без пари? Сè брцале раце во медот? Расипнички се трошело? Скопје, скопјани, очекуваат одговори“, рече Кузеска.
Најави дека советничката група на СДСМ и коалицијата ќе побара свикување итна седница на Советот со единствена точка на дневен ред – расправа за актуелната финансиска состојба во Градот.
Од Арсовска, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат одговори и образложенија. Видеото погледнете го ТУКА