(Видео) На нероден Петко капа му скрои: Рашковски пред пресуда ги оцрни сведоците и доказите
На два дена пред пресуда обвинетите Драги Рашковски и Даниел Станчев во случајот „Софтвери“ седнаа пред новинарите на прес-конференција да кажат дека планираат да извојуваат битка пред Европскиот суд, а во однос на притворите што им беа одредени. На неа, освен наводите дека не требало да бидат зад решетки, изнесоа и низа обвинувања. Зборуваа за сведоци и докази што биле изведени, а по чие проучување се носи пресуда од судечкиот совет. Уште пред да се знае одлуката за тоа дали тие се виновни или не, тие ја оцрнија – велејќи дека постоел обид да се влијае врз судечкиот совет.
Новинарите прашаа дали прес-конференцијата е обид за влијание врз судечкиот совет со оглед дека два дена го делат од читање на пресудата за „Софтвери“. Тој негира посочувајќи дека само едно од прашањата за кое зборувал влијае на судскиот процес.
„Тајмингот кога го добивме ова, не го определуваме ние. Го определува Европскиот суд за човекови права. Ако нашата моќ е да влијаеме врз Европскиот суд за човекови права – секоја чест. Јас кажав дека сите овие, освен едното прашање, никако не влијаат врз носењето на одлуката. Ние одлуката на судот, без разлика каква е, без разлика што бараме ослободителна и имаме илјадници страни контрааргументи, ќе ја почитуваме. Тука зборуваме за нешто посвето од одлуката за ‘Софтвери’, а тоа е лишувањето лица од слобода, без основа“, рече Рашковски.
На прес-конференцијата Рашковски, како и порано, се осврна на тоа како обвинителката Ивана Трајчева работела на предметот и на кој начин докажува вина. Новинарите го прашаа дали со обвинување на Трајчева сака да ја докаже неговата невиност. Тој негира.
„Не. Прво, не сум човек што се сити на туѓата несреќа. Независно каква и да е. Секој има право да се брани. Обвинителството е странка во постапката, еднаква како нас. Неубава пракса се стори, мора да го играте тој начин на комуникација. Јас бев најмногу против за Обвинителство да држи прес-конференции, борбата треба да биде во суд…“, рече Рашковски.
Прашан дали демантира дека тој ги пишувал пораките што беа читани во суд, Рашковски не го стори тоа.
„Таму нема мое име, не знам како да објаснам. Таму мое име како Драги Рашковски – нема. Број 070/834-424 – нема. Направивме три вештачења за да видите кои сè процедури се прекршени, кои манипулации се правени. Мојата борба е да внесеме нов момент во македонското правосудство, а тоа е дека дигиталните докази не може да ги внесуваме како што ги внесувавме досега. Сега да не навлеземе во нешто што е предмет на одлучување и дека вршиме влијание, но ќе ви ги дадам сите вештачења“, им рече Рашковски на новинарите.
За разлика од Рашковски, кој елаборира за предметот, Даниел Станчев прочита напишан говор пред новинарите. Овој обвинет досега не беше во комуникација со новинарите, а ги избегнуваше и микрофоните и камерите. Тој, меѓу другото, обвини стручен соработник од Обвинителството за гонење организиран криминал дека се обидел да влијае врз судечкиот совет. За ова тврди дека има списи во предметот, односно изјави од членовите на судечкиот совет.
„Кога бев во ефикасен, ефективен притвор, ми беше понудена спогодба. Требаше да потпишам изјава дека сум му дал парични средства на Драги Рашковски, дека ќе бидам пуштен во домашен притвор. Но, не потпишав“, прочита Станчев, кој смета дека приведувањето не било откривање криминал, туку да се најде некој што ќе сведочи против Рашковски.
В четврток ќе се изрече пресуда за предметот „Софтвери“.