ВИДЕО: Премиерот Заев го постави граѓанинот во центарот на своето новогодишно обраќање

„Клучен фактор за создавање доверба е да се спроведува владеење на правото. Правната држава создава сигурност за секој граѓанин поединечно, и за општеството во целост“, вели Заев во своето новогодишно обраќање до граѓаните на Република Македонија.

„За добро и одговорно владеење неопходни се уште и: Почитувањето на човековите права; Социјалната правда; Јавното и отчетно работење и Обезбедувањето целосно учество на сите граѓани во општеството. Реформата подразбира вклученост, на сите, за сите, без исклучок, по било кој основ.

Ставањето на граѓанинот во центарот на нашата грижа, значи постојано подобрување на условите за живот на луѓето и поттикнување на сигурноста на граѓаните – да се биде сигурен значи да се биде ослободен од страв, ослободен од економска и друг вид неизвесност.

Борбата со сиромаштијата и обезбедувањето на сигурноста се основни услови, но тие се само дел од поголема целина. Знаењето, вештините и здравјето како врвни приоритети, ја подигнуваат свеста за афирмација на човековото достоинство. За достоинствени граѓани на нашата Македонија“, истакнува претседателот на Владата на Република Македонија.

Заев исто така подвлекува дека македонскиот народ треба да ја прифати одговорноста за иднината на својата држава.

„Сега како никогаш досега, сите да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина! Сега, кога 21-от век станува полнолетен, ајде заедно да го положиме испитот на зрелоста, заради иднината на нашата заедничка Македонија. Заслугите ќе им припаднат на сите“, истакнува Заев.