(Видео) Зеленска објави снимка од Киев: „Деца врескаат и трчаат во засолништа од звуци на експлозии
Сопругата на украинскиот претседател Олена Зеленска на Твитер сподели видео од Киев на кое се гледаат деца кои трчаат во засолништа поради руски воздушен напад. Низ главниот град на Украина синоќа, но и утринава одекнаа експлозии.
„Киев. Утрото по непроспиената ноќ под оган. Повторно вознемиреност. Децата кои врескаат и трчаат во засолништа од звуците на експлозии се нашата реалност. Но, тоа не мора да биде така – каде било, некогаш. Стравот не може да се исклучи – но не застануваме, туку дејствуваме. Украина ја продолжува борбата“, изјави украинската прва дама, пренесува Index.hr.
Повеќе од 41.000 граѓани под земја за време на нападот
Градоначалникот Виталиј Кличко објави дека украинската воздушна одбрана соборила руска ракета за време на ноќниот напад на Киев.
Утринава следеше нов напад кога експлозии се слушнаа и во центарот на градот, а Кличко ги повика граѓаните да останат во засолништа додека не заврши алармот.
Градската управа на Киев на Телеграм објави дека „за време на денешното гранатирање на главниот град, повеќе од 41.000 луѓе биле под земја“ и дека „повеќе од 9.000 граѓани се засолниле во станиците на подземната железница, меѓу кои 1.120 деца“.
Тие ги потсетија жителите дека „за време на вонредна состојба можат да добијат столици и вода за пиење на станиците“. Потсетуваат дека на станиците е прилично студено, па ги повикаа граѓаните да понесат со себе топла облека.
Видеото погледнете го ТУКА