ВКЛУЧИ ГО CAPS LOCK-OT И ПОКАЖИ КОЛКУ ТЕ БОЛИ К… ЗА МАКЕДОНИЈА

Ако живееш во Шведска, а сакаш на раат да ја претепаш невенчаната сопруга, врати си се во Македонија, таа како што пееше Дадо Топиќ „ти пружа љубави све“.

Ако живееш во Македонија и си млад лекар ќе ти нудат плата од 12 иљадарки, токму толку, колку што изнесува и социјалната помош. Цела среќа е што социјалната помош ќе биде укинувана ако нејзините уживатели одбиваат да се вработат.

Ако си пратеник во Македонија и имаш право да бираш стан во Ск или патни трошоци, најнормално е да избереш патни трошоци, пошо станот ќе ти го дадат само на користење и ќе ти го земат откако ќе ти заврши спиењето во пратеничката фотелја.

Ако во Македонија имаше барем 10 нормални функционери, немаше да ги трпиме драмолетките со мандатот на Груевски.

Ако во Македонија судството беше навистина судство, немаше да има потреба батките од СЈО да докажуваат колку се смешни, со формулации од типот: „Бараме нов притвор за Груевски, бидејќи може да избега во иднина“. Ваљда од тимот на Катица Јанева очекуваат Груевски да се врати за концертот на Стинг, па затоа со време сакаат да го обезбедат неговото присуство во „колевката на цивилизацијата“.

Ако си вистински македонски „патриот“ ќе се буниш кога косовска полиција врши акција на косовска територија јер таму живеат брача Срби и ќе се јачаш на блокадите направени од мештаните. Истото не важи за идните можни блокади во населените со Албанци реони во Македонија. Тука македонскиот „патриот“ нема шанси да замолчи, ќе го уклучи капс-локот и со латиницата, како еден горд потомок на Св Климент, ќе покаже колку го боли кур за Македонија.

Истата таа Македонија во која можеш да изнајмиш стан за да си ја претепаш жената и истата таа Македонија која ќе остане без лекари пошо почетната плата им е колку што изнесува социјалната помош.

Автор: Атанас Величков-Батко Тане