| |

ВКУСОТ НА КАФЕТО И ШОЉА ВО КОЈА СЕ СЛУЖИ

Во правна држава, луѓето најчесто ги темелат своите односи на одговорност и должност. Одговорноста и должноста се етички постулати кои ја демонстрираат разумноста и зрелоста на поединец кон општеството односно кон другите луѓе.
Но кога должноста и одговорноста стануваат облигаторни, тие се само механизам и често не се врзуваат со никаков внатрешен императив.

Така на пример во правна држава имате одговорност кон своите деца, доколку не ги обавувате родителските задачи во согласност со вредностите и нормите на општеството, тогаш институциите ви ја одземаат таа улога. Доколку не ги обавувате брачните обврски, тогаш судот ќе ви ја прекине улогата на „сопруг“ односно „сопруга“ и сл.

Повикувањето на одговорност и должност многу често предизвикува длабок конфликт и лицемерие. Луѓето ги прават работите онака како што од нив се бара согласно урнекот во пропишаните вредности и норми, но доколку по некое чудо истите тие исчезнат и исчезне сиот морал на овој свет, тогаш луѓето не би имале интуитивна врска со работите кои инаку ги прават.

Колку често ви се случило да ја тргнувате со позиција дека на некој нешто му е работа па затоа заборавате да му изразите благодарност на келнерот кој ви го послужува кафето? Колку често ви се случило да не ја поздравите продавачката затоа што сметате дека таа е „нужно зло“ кое ви ги зема вашите тешко заработени пари? Колку пати сте се повикале на „тоа ви е работа“ само за да ги насочите луѓето да делуваат на еден или на друг начин?
Ова општество со своето уредување ни дава алиби да заборавиме на вредности како што се – љубезност, благодарност, топлина, искажување на почит кон туѓиот труд само затоа што одговорноста и должноста се задолжителни и доколку се погазат луѓето подлежат на секакви санкции.

Стравот од казна е механизмот преку кој се зауздуваат луѓето и кај нив не се стимулираат конструктивни и продуктивни емоции на грижа, пријателство, љубов и човечка топлина.

Однос на благодарност

Точно е дека човекот што не послужил со кафе, има опис на работа, прима плата како надокнада за својот труд, неговата дејност е заведена во номенклатурата на занимања, но зад сите тие апстрактни симболи кои имаа опасни импликации се крие само еден човек кој веројатно има грижи, проблеми, стравови, се грижи за некој, има потреба од љубов, има потреба некој да му покаже благодарност, да му искаже почит за тоа што го работи, исто колку што тоа ви е потребно и вам.

Многу е важно да научиме на луѓето да им покажеме дека го цениме нивниот труд, дека нивната работа има реална, а не само номинална вредност, некому да му покажеме дека сме благодарни за тоа што не послужил со кафе додека удобно седиме на фотељите мудрувајќи за животот или фокусирајќи се само и едноставно на сопствените проблеми како да сме единствените на светот што ги имаат.

Секој човек на човечност возвраќа со човечност (исклучувајќи ги психијатриските случаи и девијациите) а многу е убаво чувството некому да му го разубавите денот само со една насмевка, едно „благодарам“ или топло „добар ден“.

Ако сакате да ја разберете значајноста на човечноста, замислете само како би изгледал светот доколку сите услужни дејности наместо човечки труд користат роботи или се самопослужувате со кафе од кафемати. Тогаш веројатно најпрецизно ќе ви се совпадне вкусот на кафето што се служи со вашиот посакуван вкус, но тоа што нема простор за човечка грешка не создава спомени. Роботот нема да ве истури никогаш со кафе, нема да може да ја обвини машината за кафе за вкусот на кафето, нема да ве погледне со прекор ако нешто му дофрлите, нема да може да ви возврати на насмевката која крие корпус од пораки. Поради тоа што нема простор да ви се случат мал милион можни ситуации ако настане деклинација од предвидениот пат, вие нема да имате што да раскажете, оти невообичаените работи и ситните грешки создаваат понекогаш и многу убави спомени.

Насмевката на роботот има само една нијанса, насмевката на човекот има мал милион нијанси кои не може да се пренесат успешно во еден софтвер. Затоа важно е да се „цени“ присуството на човек кој ве служи со кафе, на неговата насмевка а не само вкусот на кафето и изгледот на шољата во која се служи кафето.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

(Целиот напис прочитајте го на Мој збор)



Слични Објави