|

ВМРО-ДПМНЕ: На прагот сме на огромна победа – резултатите покажуваат убедливо водство низ државата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, вечерва изјави дека партијата е пред историски изборен триумф, нагласувајќи дека според тековните резултати, разликата во гласовите е драматично во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

„Разликата е некаде три спрема еден, а има општини каде што е десет спрема еден, а во некои општини СДСМ е трета партија“, истакна Мисајловски.

Тој соопшти дека градоначалнички мандати од редовите на ВМРО-ДПМНЕ веќе се обезбедени во голем број општини, меѓу кои Кисела Вода, Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, Сопиште, Штип, Велес, Бутел, Аеродром, Јегуновце и Вевчани.

„Гласовите се пребројуваат, а резултатите укажуваат на водство. На прагот сме на убедлива победа во Струмица. Орце води убедливо за Скопје,“ рече Мисајловски.

Во однос на обвинувањата за нерегуларности од страна на СДСМ, тој оцени дека тие се обид за алиби поради изборниот пораз:
„Разликата е толку убедлива и огромна што нема простор за ваквото алиби на СДСМ со која сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл. Изворот и причините за својот дебакл треба да си го бараат во сопствените редови.“

Осврнувајќи се на резултатите на ДУИ, Мисајловски додаде дека оваа партија „очигледно е декласирана“, додавајќи дека „Али ќе има време да си го анализира својот пораз“.

Мисајловски заклучи дека убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на долгорочна работа, посветеност и потврда на политиките што ги води партијата.



Слични Објави