| |

ВМРО-ДПМНЕ: правосудните органи да го прекинат политичкиот прогон

Повеќе од два месеци Илиевски, Јовановски, Чавков, Мукоски и останатите се држат во притвор во крајно мизерни услови само затоа што гласно се спротивставија на плановите на оваа влада за обезличување на Република Македонија. Ваквиот нехуман однос е уште еден обид за попречување и замолкнување на секоја критика на погубните политики на владата на СДСМ, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Со апсурдното обвинение за тероризам се праќа порака до секој оној што сака да го крене својот глас за работите во кои верува.

Во ниту една демократска држава не е забележан пример како пратеници се влечат по затворите и се прогласуваат за терористи. Во ниту една држава не е забележан пример како човек кој целиот свој живот го посветил на безбедноста на државата е прогласен за терорист. Во ниту една цивилизирана држава не е забележано доктори да лежат во затворски ќелии под обвинение за тероризам. Во ниту една држава во Европа досега не е забележано да има толку многу луѓе кои се обвинети за тероризам, што ја сместува Македонија помеѓу најтерористичките земји во светот.

ВМРО-ДПМНЕ апелира до правосудните органи да го прекинат политичкиот прогон. Наместо да се занимаваат со вакви апсурдни обвиненија за тероризам да почнат да делуваат според законите и Уставот.

Независното судство е право на граѓаните, кое не смее да им биде скратено. Одлуките кои треба да ги донесат судовите треба да бидат во согласност со законските норми и доказите. Судството конечно треба да се ослободи од притисокот и стегите на власта.

Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено. Република Македонија заслужува да има независни и силни институции чија цел ќе им биде заштита на граѓаните и нивните права.

СДСМ мора да разбере дека во Македонија има луѓе кои размислуваат поинаку од Зоран Заев. Политичкиот прогон и малтретирање мора да запре !

Нема напредок за Република Македонија и нејзините граѓани ако оваа власт продолжи да се пресметува со неистомислениците преку користење на монтирани и фабрикувани кривични постапки, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.



Слични Објави