ВМРО-ДПМНЕ: Вистината за политички притворените уметници се пробива надвор од границите на Република Македонија

„Вистината за политички притворените уметници се пробива надвор од границите на Република Македонија. Нивни колеги се повеќе се запознаваат и реагираат на фактот дека Македонија не е демократска држава, туку држава во која што политички се прогласуваат за терористи истакнати уметници и интелектуалци, а потоа системот без никакви докази ги фрла во притвор.

Десетици невино гонети патриоти лежат во притвор, додека Зоран Заев и пријателите трошат по 100.000 евра на приватни забави во соседството. Десетици македонски патриоти неосновано се во ќелиите  во Шутка, додека претставници на власта лицитираат со имиња на аеродроми, улици, патишта, па дури и со името на државата на приватни забави.

Во време кога власта декларативно изјавува заложба за членство на државата во ЕУ и НАТО институциите под контрола на истата таа власт ги кршат правата на граѓаните кои се темелот на овие организации. Надвор од демократските практики на современиот свет, во Република Македонија десетици луѓе се ставени во притвор, како дел од монтиран случај, само затоа што изразиле спротивен став и гласно се спротивставиле на една политика.

Притворот наместо како мерка за претпазливост се користи како казна и средство за изживување. Органите на прогонот се користат за монтирање на судски случаи и пресметка со сопствените граѓани кои мислат поинаку.

Притворените се соочени со кршење на нивните права во сите фази од процесот. Незаконитоста во постапките е нотирана и од Народниот правобранител. За жал судот и ОЈО остануваат неми и се однесуваат како соизвршители во ова незаконие.

Правниците во судовите и ОЈО не треба да дозволат, да бидат обележани во учебниците по право како пример како не треба да постапува еден судија или обвинител. Законската постапка е право на граѓаните, правичноста и законитоста обврска на судијата. Судиите и обвинителите се должни да издржат и да не потпаѓаат под притисок, бидејќи нивната професија го налага тоа.

Република Македонија нема да тргне ни чекор кон ЕУ, се додека институциите се користат за пресметка со политичкиот противник. Државата не може да биде членка на НАТО  се додека за државните органи презумпцијата на невиност е празна флоскула.

Практиката на злоупотреба на институциите мора да запре во интерес на државата и нејзината иднина. Државата има потреба од силни и независни институции – кои ќе ги штитат граѓаните и нивните права. Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ