ВМРО-ДПМНЕ: Владејачкото мнозинство ја силуваше демократијата и не ги послуша апелите на граѓаните
СДСМ и владејачкото мнозинство го погазија правото и ја деградираа правната држава. Власта нелегално го прогласи законот за двојазичност за изгласан, оневозможувајќи ја со закон загарантираната амандманска расправа, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Власта не ги зеде во предвид укажувањата на претседателот на државата, стручната јавност, граѓаните и останатите политички чинители и изгласа неуставен, неприменлив и штетен закон.
Владејачкото мнозинство ја силуваше демократијата и не ги послуша апелите на граѓаните. За СДСМ побитен беше меѓукоалицискиот договор, отколку граѓаните и иднината на државата.
ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон и ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери.
СДСМ се однесува игнорантски и се става над законите. Власта ги злоупотребува државните институции за одржување на коалицијата на стаклени нозе. Злоупотреба на институциите е и политичкиот прогон врз десетина патриоти кои се дел од монтиран судски случај.
СДСМ мисли дека со ставањето во притвор на македонски патриоти и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ги замолчи граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ пред штетните политики кои ги спроведуваат и кои се на план да ги спроведат.
СДСМ и сите нивни извршители во политички креираните случаи треба да знаат дека власта која моментално ја уживаат нема да трае вечно. Секој еден кој се огрешил пред законот и ги злоупотребил институциите ќе сноси одговорност за своите нелегални дејствија.
ВМРО-ДПМНЕ останува на бедемот на државните интереси. Неправдата и катастрофалните политики на СДСМ ќе бидат поразени, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.