Во Куманово вечерва концерт на триото „Џентлмен“
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва (24 април) со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи Триото „Џентлмен“ кое е составено од реномирани оперски пејачи.
На програмата, на концертот кој се реализира со поддршка на Министерството за култура, се популарни музички дела од опери и но светски хитови, меѓу кои и Алелуја, „My Way“, „You raise me up“, „Beautiful Maria of my soul“, „Caruso“ и други композиции.
Триото „Џентлмен“ е составено од тројца професионални оперски пеjачи: Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Дарко Нешовски – тенор. По урнекот на светските поп-класични состави, интенцијата на овој состав е овој жанр на пеење за прв пат да го презентираат и на нашите простори. На нивниот репертоар, освен класичните композиции, се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и секако македонското творештво.
Во изминатите две години реализирале повеќе настапи низ целата земја, но и надвор од неа. Во ноември 2015 година, на Балканската „Романсијада“, фестивал кој се одржа во Софија, Бугарија го освоија првото место со награда за професионалност и оригиналност.