Вонреден инспекциски надзор во ГАК за случајот со родилката што скокна од прозорец
Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор во ГАК во врска со случајот со 39-годишната родилка, која скокна од прозорец на УК за гинекологија, информира Министерството за здравство.
„Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на фактичката состојба“, велат од МЗ.
По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, се додава во соопштението.
39-годишна жена скокна од првиот кат на Гинекологија три дена по пораѓањето. По породувањето со царски рез, мајката и бебето биле во добра здравствена состојба. Но, родилката во петокот се пожалила на мала вознемиреност и разговарала со клинички психолог по што состојбата ѝ се следела.
Во саботата била добро, а вознемирувањето ѝ се повторило во неделата наутро, велат од Клиниката за гинекологија. По падот, жената итно била префрлена на КАРИЛ, каде што била оперирана.
Од добиените повреди, по операцијата, родилката е во тешка, животозагрозувачка ситуација, известија од Гинекологија.