Возрасен маж нападнал 12-годишно дете без причина на улица во Скопје: го тепал со тупаници и клоци и му се заканувал со нож
Педесет и тригодишен скопјанец нападнал 12-годишно во Скопје. Тој го тепал детето со тупаници и клоци, а извадил и нож.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство врз дете.
Осомничениот 53-годишник на 11 ноември извршил насилство врз 12-годишно дете.
Додека детето се движело со велосипед по булеварот „Крсте Мисирков”, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без повод и причина агресивно го нападнал со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата.
Детето успеало да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи. Осомничениот го зел велосипедот од оштетеното дете, му ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале. Потоа со моторот го напуштил местото на настанот, додека пак детето било пренесено во Ургентниот центар.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.

