ЗА МАКЕДОНСКИТЕ „МИРСАДИ“
Милион Германци се изневерија себеси. Тоа беше трагедијата. Не дека еден човек имаше храброст да биде зол, туку дека милиони немаа храброст да бидат добри“
Џон Фовлес
Во збирката раскази „Сараевски Марлборо“ Миљенко Јерговиќ раскажува за секојдневните случки низ главниот град на Босна во време на суровата војна во деведесетите. Во морето на неверојатни јунаци и настани има извонредна приказна за еден брачен пар, Сенка и Машо познати надалеку по својата голема љубов. Во војната Машо е убиен како бранител на татковината и меѓу документите и личните работи што Сенка ги добива од надлежните е една фотографија на млада, прекрасна жена, со посвета „Засекогаш твоја, Мирсада“. Сенка одбива да верува дека Машо, нејзиниот Машо може да има друга жена, дека љубовта за којашто сараевчани раскажувале и бракот што го земале како пример биле само илузија, па си креира сопствена приказна дека фотографијата е подметната од војниците, за намерно да ја уништат нивната идила. Нормално, во овие приказни си верува само Сенка самата, соседите, пријателите и роднините со сожалување или потсмев констатираат дека најголема трагедија е кога на човека вистината му е пред нос, а тој одбива да ја види. Јерговиќ поентира дека секогаш е полесно да се види туѓата вистина, додека за сопствените сме прилично слепи, но главната поента на авторот тука сепак е силно политичка.
Тој забележува дека овие човечки карактеристики се еднакви и во односите меѓу поединецот и државата или општеството и не се ограничени само на меѓучовечките релации. Кога едно општество ќе претрпи сериозна катастрофа, тенденција на преживеаните е да креираат своја верзија за настаните, за самата катастрофа и за оние кои треба да одговараат. Понекогаш таа слика е блиску, се допира, но честопати всушност и нема блага врска со вистината. Официјалната историја е секогаш една, а нејзини верзии има толку колку што има и преживеани. Притоа, тенденција е трагедијата да се ограничи во еден временски простор и да се потиснат евентуалните реперкусии што таа може да ги има во иднина. Со одбивање да и се погледне на вистината в очи, ние се тешиме дека најлошото поминало (Машо умрел) и не сакаме да видиме дека и после трагедијата (смртта) доаѓаат непријатни пост-катастрофални последици со коишто мора да се носиме (непознатата девојка што го руши митот во кој сме живееле). Тие новонастанати моменти честопати се потешки и од самата трагедија оти не потсетуваат на една болна вистина – дека не само што сме живееле во илузија, туку дека во самата илузијата е родена една нова илузија за којашто не сме биле подготвени и со која допрва ќе треба и да се соочиме и да се бориме.
Македонското општество денеска е во еден токму ваков, сериозен пост-катастрофален филм, една продолжена траума од десетгодишна трагедија, едно болно будење од една страшна илузија. Клучното прашање тука е само дали во оваа катастрофа ние произведовме и една нова илузија или конечно сме подготвени да и’ погледнеме на реалноста преку оставената слика в очи. Неколку моменти влеваат сомнеж во капацитетите на македонските граѓани и нивните водачи за еден бистар поглед кон реалноста и неопходните чекори пред нас.
Во времето на креирањето на новата Влада, многу „Сенки“ беа убедени дека нивниот еден и единствен „Машо“, творецот на Преродбата и најголемиот „патриот“ роден од мајка Македонија е лажно обвинет за проневера, со подметнати снимки и документи и со овие луѓе ден денеска тешко дека некој може да се разбере. Нив исто како во приказната, можеме да ги жалиме, да им се потсмеваме, но тешко дека би ги разубедиле. Добрата вест е што тие нам денеска не ни се проблем. Лошата е што проблемот очигледно ни е многу поголем.
Ние денеска сме соочени со многу “девојки“, многу „Мирсади“ кои биле блиски, (реално или само идеолошки) со „мртовецот“ и сега постхумно ни се јавуваат со посвети и пораки, откривајќи ни замрсени и комплицирани релации што допрва ќе треба да ги отплеткуваме. Ликови преку кои сфаќаме дека кај нас нешто навистина поминало, но кои истовремено ни влеваат и сомнежи дали тоа нешто било најлошото или најлошото всушност допрва ќе дојде во облик на шлаканица што ќе не освести дека баш и немаме сили за историски клучната година во која дефинитивно ќе се исцртува иднината на земјата.
Тоа се истите ликови небитно дали доаѓаат во форма на карикатурални фигури од Претседател чии говори се контролираат на копче, нечесни и подмолни преговарачи во суштински битни процеси, лидери на партии кои пред камери постат со национализам за да се одржат на власт, а зад завеси мрсат со тендери, тешки националисти маскирани во модерни интелектуалци и борци за права или лажно кредибилни професори, его – манијакални директори, функционери занесени од слаткиот вкус на државните пари, а самодекларирани наводни револуционери, пратеници без интегритет, министри со ресори и без визија (или без обете), новинари со сомнителни и бизнисмени со уште посомнителни мотиви, популисти, непотисти, пропагандтисти и.т.н, и.т.н, и.т.н…
Се’ се тоа провокатори, се’ се тоа дефокусатори, се’ се тоа валкани играчи и првата и основна цел кога веќе некој воопшто им отворил врата (или не им ја ни затворил) мора да биде нивно отстранување. Нема Македонија денеска време за губење со вакви ликови, тие мора да се решаваат и бајпасираат по брза постапка. Премиерот Зоран Заев и неговите најблиски соработници мора да бидат свесни за ова. Ова е година во која нам ни требаат обединети сите прогресивни општествени елементи. Ни треба меѓусебна поддршка, ни треба една чесна игра, ослободена од евтини лични, партиски или бизнис интереси. Државата е соголена, секој и најмал обид на селски итреци и профитери брзо се препознава. Ова е година за да застанеме на нозе, да се исправиме, да отвориме прашања од најкрупен државен интерес, ама искрено и со заедничка визија. Ја имаме ли? Се работи за теми кои поедеднакво сите не’ задираат. Приоритети, фокусирана енергија и што помалку материјал за потпалување огнови, оти ова мора да биде година на победи! Ние немаме друга опција, немаме време, немаме ресурси. Ваква можност кој знае кога (и дали) повторно ќе имаме. Но, фактот што при овие услови, вакви теми и ликови се се’ уште присутни говори дека не сме ја научиле лекцијата и дека изгубивме драгоцени месеци. Како може Македонија денеска да биде заглавена во процеси што сметавме дека се (и мораше да бидат) оставени во минатото, во потези што не смеат да се повторуваат, во луѓе чие место е на општествените маргини, а не на почетокот на орото со марамче во рацете!?
Не, ниту ВМРО – ДПМНЕ ниту „Машо“ нема да се вратат назад, тие се самите се’ уште преголем проблем за да можат да бидат дел од какво и да е решение. Добро е што побрзо ги заборавиме и да престанат приказните за нивно воскреснување со кои и аналитичари и новинари ги заплашуваат и власта и народот во презентацијата или критиката на погрешните владини потези. Но, наша заедничка одговорност, многу поголема од таа да не се вратат поразените, е откривањето на идентитетот, разобличувањето и соголувањето на разните „Мирсади“, на многуте идеолошки љубовници на режимот, многуте возљубеници во неговите методи на работа и неуморни ковачи на прангите околу вратот на Македонија. Ги има во сите етникуми, покриени со сите партиски бои, скриени во различни професии. . . Да ги препознаеме, да ги искинеме нивните слики од сите општествени џебови и конечно да си ја извадиме црнината. Одамна ни е време за нова облека.
Напиша: Катарина Синадиновска