Заев и Бочварски на патот Пробиштип-Крупиште: Изградбата и рехабилитацијата на патиштата е приоритет заради поврзување на регионите и за побрз економски развој

/

Голем број инфраструктурни проекти се изведуваат со засилено темпо и да ги испочитуваат роковите за исполнување на обврските и да се завршат експресните патишта, регионалните, локалните, да финишираат работите на големите системи за наводнување, канализационите мрежи. Сите проекти се од огромен интерес за граѓаните бидејќи дојдоа како резултат на нивните барања. Така е и со регионалниот пат Пробиштип – Крупиште кој е веќе во употреба на огромно задоволство на граѓаните на Пробиштип, Злетово и на другите населени места од регионот, изјави премиерот Зоран Заев на увид на рехабилитираниот патен правец Пробиштип – Крупиште.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, рече дека овој градежен потфат е од посебно значење и ја олеснува работата на компаниите во регионот на Пробиштип и Злетово каде што се фабриката за акумулатори „Таб-Мак“ и рудниците „Злетово“ и „Стрмош“, сите странски инвестиции.

– Го слушнавме гласот на граѓаните и тие денеска имаат современ регионален пат кој ги поврзува со експресниот пат Штип – Кочани и со тоа им е олеснета комуникацијата со овие градови, како и со останатите градови на истокот и југоистокот на државата. Тука се и неколкуте конфекции, а голем број работници од овие градови и околните населени места секојдневно патуваат до штипските конфекции и сега тоа го прават по нов, современ патен правец, истакна Заев и додаде дека тоа е огромен потенцијал за развој на нови поврзувања низ бизнис иницијативи.

Тој истакна дека сега од Пробиштип до Скопје преку сосема нова и модерна патна инфраструктура се стигнува за 45 минути и оти изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патиштата останува еден од владините стратешки приоритети заради брз економски развој и на овој регион, но и на целата држава.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски потенцираше дека Владата вложува преку една милијарда евра за подобрување на патната инфраструктура низ целата држава со цел граѓаните да возат побезбедни и модерни патишта.

– Овде, во Источниот регион изградивме нова и квалитетна патна мрежа. Речиси и да нема патен правец кој не е рехабилитиран. Регионалниот пат од Крупиште до Пробиштип е со должина од 18 километри за што инвестиравме 3,4 милиони евра за негова рехабилитација. Овој пат сега се поврзува и со експресниот пат од Штип до Кочани и преставува една целина преку кој граѓаните значително го намалуваат времето на патување, рече Бочварски и додаде дека активно се работи во Источниот регион.



Исткакна дека е изградена првата фаза од експресниот пат од Штип до Крупиште, а до крај на годината се очекува да се пушти во употреба и втората фаза од Крупиште до Кочани.

-Исто така ја пуштивме во употреба и првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш, очекуваме септември да се пушти во употреба и делницата од Бучим до Радовиш, а делот од Три чешми до Штип да биде завршен веќе следната година, додаде тој.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми рече дека патниот правец Крупиште–Пробиштип е важна сообраќајна артерија за граѓаните на Пробиштип кон Штип, Кочани и граничниот премин со Бугарија кај Делчево.

– Рехабилитацијата и реконструкцијата на регионалниот пат Пробиштип–Крупиште, која што е во должина од 18 километри е финансирана преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а вредноста на ова делница изнесува 3,46 милиони евра. Со завршувањето на асфалтирањето, со поставувањето на еластична одбојна ограда и хоризонталната и вертикална сообраќајна сигнализација, овој патен правец целосно е рехабилитиран, објасни Рустеми и додаде дека во процес на рехабилитација и санација се повеќе патишта во североисточниот регион кој е индустриски, општествен и административен центар.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

ЕМА ја препорача вакцината на Модерна за деца од 12 до 17 години

Следна статија

Шахпаска: Со законската мерка „Недела – ден на неделен одмор“ го остваруваме барањето на работниците

Најново од Вести