Земјотрес од осум степени во близина на брегот на Алјаска, издадено предупредување за цунами
Mногу силен земјотрес од 8,2 степени по Рихтер ја погоди Алјаска, а издадено е и предупредување за цунами кое се однесува на големиот регион од брегот на Алјаска и Британска Колумбија во Канада преку државата Вашингтон, па сѐ до Калифорнија.
Земјотресот ја погоди Алјаска во 9.30 часот по локално време. Епицентарот бил 300 километри југоисточно од гратчето Кодијак на истоимениот остров, на длабочина од 10 километри, јави Американската геолошка служба.
„Ако сте лоцирани на крајбрежно подрачје, преместете се во внатрешноста, на повисок терен. Предупредувањето од цунами значи дека цунами е можно или веќе се случува. Тоа се низа бранови кои се опасни неколку часа по нивното прво доаѓање. Првиот бран не мора да биде и најголем“, стои во соопштението од Канцеларијата за управување со вонредни ситуации.