Живот во мит

//

Fb статус на Никица Корубин

Што подразбираме кога ќе кажеме Македонија и Македонски е прашањето со кое треба да почнеме и завршиме, ако сакаме да ја разбереме нашата независност како држава, веќе повеќе од 30 години. Искрениот одговор на ова прашање ќе биде почетокот на процесот на катарза и преиспитување на сите наметнати наративи, најчесто не со добра намера. Од тоа соочување со самите себе и последователно од прифаќањето на реалноста, таква каква што е, а не таква каква што, иако романтично-привлечна, а всушност монструозно-таргетирана на чистата емотивност, на сметка на се’ што е рационално, можно и остварливо, е наменски создавана за нас. Дали сме, колективно, жртви на митот за нас самите?

Кога ќе кажеме Македонија, и кога ќе се инсистира на “чистото” име, без референцата Северна, инаку наше уставно име, доброволно прифатено и законски спроведено од нас самите, зошто се прави тоа? Како пркос или како ексклузивитет на називот “Македонија”? И на која Македонија, така генерално изречена, се мисли, на оваа единствена држава што ја имаме Република Северна Македонија или мислиме на поширок регион? И кој е тој поширок регион, “природните граници на Македонија” на кои полагаме право? Дали е тоа “Македонија која е поделена во Балканските војни, на четири дела” и ние ја живееме таа неправда, еве веќе еден век? И која точно Македонија е поделена: регион, држава, кралство? И во кои граници е таа Македонија, во границите за прв пат воспоставени од Филип 2 во 4-от век п.н.е? Проширена е потоа, па повторно поделена, па намалена, па зголемена; ама за тоа требаат доследни и базирани на факти, историски, археолошки, етнографски и секаков вид на истражувања, кои тука отсуствуваат во секоја смисла.

Значи одговор на првото прашање, што подразбираме под “Македонија”, сугерира дека ние подразбираме нешто пошироко од границите на Република Северна Македонија. Зошто инаку би пречела употребата на Северна Македонија, кога секако сме “само еден дел од целиот географски регион Македонија”. Не ни се допаѓа терминот “Северна”? Подобро ќе звучи Вардарска или на пример Српска, затоа што “при поделбата, ова е српскиот дел”? Тоа ли е она на што треба постојано да бидеме потсетувани, дека “Македонија” ја поделиле, ама само на нас од “Вардарска Бановина” ни дале држава. Тито и Србите. Добро, и комунистите. И тоа е нашиот идентитет или тие се авторите на нашиот идентитет, вака поставен.

Затоа што ако не е така, тогаш ние сме најголеми иредентисти, кога постојано посегнуваме по туѓи територии, нарекувајќи ги “исконски наши, македонски”. И не е прашање на веродостојноста на историјата и постоењето на регион Македонија и етнос Македонци во историска смисла, туку нашето еднострано инсистирање на монопол и право на истите. Затоа што според оваа логика, ако од “зборови преминеме на дела”, како ние ќе го имплементираме “македонизмот” во Грција и Бугарија? Со сила? Која ја немаме? Или поинаку поставено прашањето: зошто ние се самопрогласивме за “лидери” на Македонците, па им кажуваме на “сите Македонци” што се, кои се и какви права треба да имаат? Зарем сите кои се чувствуваат како Македонци во Бугарија и Грција, не знаат најдобро самите за себе, што е најдобро за нив во нивната сопствена држава? Нели е подобро сами на себе да си одговориме, што ние како Македонци сакаме во нашата држава и од нашата држава?

Овој мит, со работен наслов “македонизам” е всушност таргетиран македонизам, кој почива на чиста контрадикција и апсурд. Прво, тој воопшто не е изворно македонски, туку е наменски создаден, да ја држи “темата за идентитетот отворена”, бидејки оперира со “патриотизам, славна историја и неправда”, три внимателно избрани елементи, од кои треба метафорички да се чувствуваме големи, а суштински мали. И секогаш да знаеме кој е непријателот, а кој сојузникот. А, ние во таа релација, секогаш и без исклучок да бидеме жртвата, која некој треба да ја спаси. Никако и по никоја цена не смееме да изградиме самодоверба во сопствените вредности.



Дури и самата официјална историја, историографија, археологија е невиден миш-маш во кои како “по случаен избор” се извлечени историски ликови и периоди, кои ќе бидат нашиот “идентитет”. А, тој сумирано, симплифицирано и метафорички изгледа вака: “сме дошле ние (Словените) во 6-от век на празна територија, сме го затекнале и земале славното име Македонија, со кое немаме врска, ама убаво звучело, Кирил и Методиј, словенските браќа ни’ ја направиле азбуката, ерменецот Самоил средновековната држава, Византијците црквата, а Крале (задолжително во деминутив) Марко славно изгубил од Турците, после кое сме потпаднале во петвековно ропство”. За продолжетокот знаете, “Македонците (од 19 и 20 век), се борат за своите правдини”. Само, кои Македонци од вака наменски, строго и не-историски напишана историја. Континуитет? Што е тоа? Нашата историја се парцијални епизоди, со хијатус, празнина, ништо помеѓу. Terra incognita. Или како што велат авторитетите на југословенската наука, вие сте Македонци по припадност, а не по потекло, припаѓате на една територија, ама немате никаков континуитет на потекло со истата територија. Феномен.

И тоа е Македонско. Ако е тоа Македонско, а не е, ама е претставено како да е, и кога би имале јасна претстава за текот на историјата на територијата на Северна Македонија, која разбирливо не е ограничена само на нашата територија, и е заедничка и споделена со Бугарија, ама и со Грција и Албанија, поради природните процеси на комуникација, размена, култура, потекло, обичаи и навики; никако не може во една рака “знамето од Вергина” и извикот “никогаш Северна”, затоа што едно без друго не оди; никако не може МПЦ-ОА, со истото “знаме од Вергина”, “политеизам со монотеизам” или ако се повикува на Јустиниана Прима, тогаш “црквата не е словенска”, како што и не е; и ако името ни е идентитетот, тогаш тој не може да биде исклучиво “словенски”, како што и не е. Голема основа, парадоксално, за преиспитување и сериозно прочистување на овие чисто историски теми, кои кај нас не се поместени ниту за милиметар од “дозволените рамки” скриени позади “авторите и авторитетите” кои така жестоко го бранат идентитетот деновиве, а всушност ја бранат “официјалната” историја; дава членот 7 од Преспанскиот договор. За оние кои знаат да го читаат. И да прифатиме, притоа, дека “македонското” не е само наше прашање, туку подеднакво е прашање и на Грција, и на Бугарија.

Во меѓувреме и на почетокот на долгиот процес кој ни следи, кој инаку е редовна пракса во светската наука, на преиспитување на научните тези; ќе треба целосно пре-прочитување на историјата, ама онаа изворната, а не напишаната, сериозни истражувања и сериозна историска, археолошка, класична наука, а за тоа ќе ни треба конечно отварање на државата и комуникација со светската научна заедница. Па, барем митот кој притоа, паралелно со науката ќе произлезе, да биде изворно наш, создаден во реално време со јасен, поглед кон минатото. Ќе треба време, воља и знаење. А, за тоа ќе требаат луѓе, прави луѓе на прави места. Ама, вистински, а не декларативно. Па, кога следен пат ќе избегнете да кажете Северна, ќе сватите дека всушност го избегнувате истиот идентитет за кои велите дека се борите.



Претходна статија

Гарван-Неказнето злосторство (1)

Следна статија

(Видео) Ковачев: РС Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ, откако ќе ги вклучи Бугарите во својот Устав како државотворен народ

Најново од Ваш став

Во „име“ на народот

Facebook статус на Никица Корубин “Народот” е најприсутен во јавниот говор, деновиве. Сите се повикуваат на