Зошто опаѓа квалитетот во високото образование
Во една телевизиска емисија, што неодамна се емитуваше, покрај другите учествуваше и проректорот на УКИМ, проф. д-р Владимир Петрушевски. во таа околност, водителот го потсети д-р Петрушевски за една негова поранешна изјава во врска со квалитетот во високото образование, и го праша дали и сега го мисли истото тоа. Наводната изјава на професорот Петрушевски, гласи: „Квалитетот на високото образование паѓа, но немам докази за тоа“. Изјавава ја наведов по сеќавање. Учесниците во дискусијата на темата се сложија дека квалитетот во високото образование зависи од повеќе фактори помеѓу кои и од квалитетот на професорите, како еден од најважните фактори. Друг фактор, на пример, е квалитетот на студентите, кој од година на година е сѐ послаб.
Иако во последниве десет години, законот за високо образование се менувал секои шест месеци за да се подобри квалитетот во високото образование, квалитетот се смалувал сѐ повеќе и повеќе. Моето мислење е дека квалитетот во високото образование не само што континуирано паѓал последниве десетина години, туку тој продолжува да паѓа. За тоа ќе наведам и аргументи, односно докази, да се изразам со терминологијата на проректорот Петрушевски.
Еден аргумент ќе најдеме во реакциите на кандидатите на рефератите за избор на ново лице или реизбор на веќе постојни лица. Последниве десетина години се пишувани скандалозни реферати со кои квалитетни кандидати се одбиваат. Такви рецензии има повеќе. Во една рецензија за прием на помлад асистент на УКИМ, одговарајќи на приговор на еден кандидат незадоволен од рефератот (кандидатот тврдел дека има поквалитетни трудови од предложениот кандидат, а и дека е подобар и по другите критериуми), рецензентите одговориле дека квалитетот на трудовите не е земен предвид при оценувањето на кандидатите затоа што во конкурсот за прием на асистент не било наведено дека се потребни квалитетни трудови. Така, наместо да предложат еден од квалитетните кандидати, рецензентите предложиле друг кандидат.
Рецензентите што ја пишувале оваа рецензија биле наивни, па ги кажале вистинските причини заради кои е примен кандидатот, зашто мислеле дека зад кандидатот стои толку моќно лице што никој, никогаш нема да се осмели да го оспори нивниот предлог. (Патем, оваа реакција на кандидатот беше веднаш обнародена во соодветниот билтен на УКИМ и наиде на општо негодување кај академската јавност). Други рецензенти се обидуваат да дадат некакви, макар и формални академски аргументи за да го оправдаат предлогот. Така, во една рецензија на Медицинскиот факултет, како одговор на приговор на еден од кандидатите, рецензентите напишале: „Кандидатот навистина има евидентни научни резултати во науката, но деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право“. Значи, бодовите, претходно дадени, се промениле не според правилник, туку по нарачка. За изборот и реизборот на наставници на Правен факултет, повеќе пати е пишувано. Од помлад асистент, еден ден ќе биде редовен професор.
Во билтените на УКИМ има реферати од кои може да се види дека лица се предлагани „затоа што квалитетот не е земен предвид“ или, пак, „затоа што лицето документите ги предало документите на време“ (како другите лица да не ги предале документите на време!). Има случаи трудови индексирани во Веб оф сајанс (Web of Science), (поранешен ССЦИ) да бидат вреднувани ниско, а трудови објавени во весници високо. Сакам да истакнам дека извесен број на незадоволни лица не поднеле приговор на рефератот од страв да не бидат ставени на црниот список и потоа да имаат и други штетни последици. Според тоа, последниве десетина години на државните универзитети се примале сѐ понеквалитетни лица. На некои приватни универзитети ситуацијата е уште полоша. На пример, на еден приватен универзитетот прием на нови лица се врши така што рефератот за избор не се објавува во универзитетски билтен. Како е, тогаш, можно да имаме квалитетно високо образование со неквалитетни професори?
Еден друг аргумент што може да биде показател на квалитетот во високото образование, е присутноста на професорите на меѓународен план, односно, видливоста на универзитетите. Присутноста на меѓународен план може да се види преку објавените трудови во квалитетни списанија, односно во списанија со фактор на влијание (импакт-фактор).
Ќе наведам број на објавени трудови во светски списанија за Македонија, Србија и за Словенија, земји со кои најчесто се споредуваме.
Во табелата 1 се дадени податоци за бројот на објавени трудови од областа на општествените науки, област што мене ми е блиска. Опфатени се квалитетни трудови објавени во периодот 2012 – 2016 (за 2017 година податоците не се уште обработени).
Бројот на објавените трудови од македонски автори не е во согласност со бројот на универзитетите, со бројот на професорите и со бројот на единиците на универзитетите во кои се изучуваат општествените науки… (целиот напис прочитајте го овде)

