„Политико“: Црна Гора и Исланд би можеле заедно да влезат во ЕУ
Доколку Исланд на референдумот на 29 август гласа за повторно отворање на преговорите за членство во Европската Унија, земјата и Црна Гора би можеле истовремено да станат членки на Унијата, објави „Политико“, повикувајќи се на европски претставници и дипломати.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави за „Политико“ дека Исланд е „посебен случај“, бидејќи веќе е членка на Европскиот економски простор и на Шенген. Според неа, доколку Исланѓаните се изјаснат за продолжување на процесот, преговорите би можеле да траат само една до две години.
Висок претставник на Европската комисија вклучен во процесот на проширување оценил дека Исланд брзо би можел да ја стигне Црна Гора, која затворила повеќе од половината од 33-те преговарачки поглавја и има амбиција да стане членка во 2028 година.
Друг претставник на Комисијата рекол дека постои голема можност за заеднички пакет Црна Гора–Исланд, со кој земјите членки би го ратификувале пристапувањето на двете држави. Според него, Исланд како богата земја би бил нето-уплаќач во буџетот на ЕУ, додека Црна Гора би била меѓу најсиромашните членки.
Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ изјавила дека Подгорица со задоволство би ја поврзала својата кандидатура со Рејкјавик, додека исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир оценила дека заедничкото пристапување е „апсолутно“ можно.
Еден европски дипломат го опишал заедничкото членство како „најдобро сценарио“, додека друг оценил дека пакетот би можел да помогне и во обезбедувањето поддршка од Франција.
Кос истакнала дека ЕУ е подготвена да биде „креативна“ во преговорите со Исланд, особено во однос на специфичните прашања поврзани со рибарството и земјоделството.
Исланд ги замрзна преговорите со ЕУ во 2013 година, делумно поради спорот со Брисел околу риболовните права. Доколку преговорите повторно почнат и бидат успешно завршени, земјата ќе треба да одржи уште еден референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат за самото членство во ЕУ.
Последните истражувања покажуваат дека Исланѓаните се поделени околу повторното отворање на преговорите.

