УНХЦР: Речиси 20 мигранти исчезнаа по превртување на брод во Средоземното Море
Речиси 20 мигранти исчезнале кога нивниот брод се превртел во Средоземното Море, соопштија од Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) и италијанските власти.
Седум Сиријци се спасени и пренесени на италијанскиот остров Лампедуза, соопштија италијанските спасувачи.
Крајбрежната стража соопшти дека локалните власти го забележале бродот во неволја на околу 10 милји југоисточно од Лампедуза и дека патролен брод ги спасил преживеаните.
Претставничката на УНХЦР во Италија, Кјара Кардолети, на социјалната мрежа Х изјави дека седумтемина преживеани „се во критична состојба и многумина ги загубија своите роднини“.
Преживеаните изјавиле дека ја напуштиле Либија на 1 септември, се вели во соопштението на крајбрежната стража.
„Преживеаните рекоа дека на бродот имало 28 лица, вклучително и тројца малолетници“, се додава.
Поморските единици на крајбрежната стража трагаат по исчезнатите.
