ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОРОНА ВИРУСОТ ЌЕ ПРИСТИГНЕ НАЈМАЛКУ ЗА ЕДНА ГОДИНА

Развој на нови вакцини против корона вирусот ќе трае најмалку една година, објави Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ).

Во Кина, бројот на заболени од корона вирусот се искачи на 517, а 17 лица починаа, соопштија кинеските власти.

Директорот на ГАВИ, Сет Беркли изјави дека експертите не знаат доволно за епидемиологијата на новата болест за да можат правилно да го проценат ризикот во овој момент.

„Добрата вест е дека научниците веќе го секвенцираа и објавија геномот на вирусот, што им овозможи на неколку организации во светот да почнат да работат на вакцината“, рече Беркли за агенцијата dpa.

Вакцините што би заштитиле од корона вирусот е многу полесно да се развијат отколку оние за болести како што се маларија или ХИВ, додаде тој.

Беркли рече дека, сепак, се потребни неколку месеци пред да се спроведат првите клинички испитувања и најмалку една година пред вакцината да биде достапна за употреба.

Извор: Макфакс