ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Шукова ги излажаа граѓаните за Вардариште и не испорачаа ништо
ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше дека СДСМ и Каја Шукова цел мандат ги лажеле граѓаните дека ќе го решат еколошкиот проблем со депонијата Вардариште, а не презеле никаква конкретна акција.
„Во програмата Можеме на СДС, на страна 228, Заев и Шукова јавно се обврзаа дека ќе спроведат ремедијација на Вардариште и ќе ги исчистат дивите депонии. Изнесоа и финансиско портфолио од 42 милиони евра за овој проект. Денес, четири години подоцна, нема ниту проект, ниту активности на терен, ниту објаснување каде завршија тие 42 милиони евра“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека Шукова, ниту како државен секретар, ниту како министер за животна средина, не направила ништо во однос на дадените ветувања.
„СДС и Шукова цел мандат го минаа во празни зборови, декларативни изјави и политички манипулации. Граѓаните на Скопје не забораваат кој ветува, а кој исполнува. СДС е класичен пример за неработење, неспособност и политички популизам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата истакнува дека тие имаат реална програма, јасен план и политичка волја за решавање на клучните еколошки проблеми. „Нашата цел е почиста животна средина и поквалитетен живот за сите граѓани“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
