|

Не била стручна, а предавала и била в.д. директорка на училиште во Струга, ДКСК ќе поднесе кривична против Мерко затоа што ја назначил на должноста

Државната комисија за борба против корупцијата ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство Струга за кривично гонење на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Мерко на незаконски начин двапати назначил вршител на должност, в.д. директорка на основно училиште во Струга, која немала завршено високо образование, ниту го имала потребното работно искуство, велат од Комисијата.

Од таму предлагаат кривично да се гонат и в.д. директорката и уште неколку други вработени, кои ѝ помогнале да фалсификува документи што ѝ биле потребни за изборот на функцијата директор.

„Градоначалникот на општина Струга спротивно на законот двапати ја назначил за в.д. директорка наставничката по англиски јазик иако таа не ги исполнувала условите за тоа. Дополнително, тој не го задолжил училишниот одбор да донесе одлука за објавување јавен повик за избор на директор на училиштето“, рече Шемси Салаи од ДКСК.

„Пријавената в.д. директорка предавала предмети за кои не била стручна и за кои е потребно високо образование. Имала 4 години и осум месеци работно искуство, што не е доволно за да биде назначена за директор. Дополнително, во тоа време таа немала уверение за положен испит за директор, а училишниот одбор не донел одлука за распишување јавен повик. Сето тоа го направила со фалсификувани службени исправи. Во исто време директорката сама на себе со анекс договор си го зголемила фондот на часови, што е спротивно на законот. Во тоа ѝ помагале поранешни директори. Со тоа тие ја злоупотребиле службената положба и фалсификувале слижбени исправи“, рече Салаи.

Слични Објави