Римски генерал го создал „Светилиштето на нимфите на Афродита“ во близина на Димитровград
„Светилиштето на нимфите на Афродита“ е еден од најинтересните археолошки локалитети во јужна Бугарија, кој е споменик на културата од национално значење, објави БГНЕС.
Светилиштето се наоѓа на дното на прекрасна област во близина на селото Каснаково и е најпроучениот локалитет на територијата на општина Димитровград.
Станува збор за цел комплекс од згради кои се изградени во II век од нашата ера од римскиот генерал со тракиско потекло Тит Флавиј. Ова место го добил како подарок од римскиот император филозоф Маркус Аурелиј, кој на пошироката јавност и е попознат од филмот „Гладијатор“ на Ридли Скот.
Посебен натпис издлабен на сводот на централната фонтана гласи: „Добар час! Тит Флавиј и неговата сопруга Клаудија Монтана ја направија и ја посветија фонтаната на нимфите на Афродита“. Комплексот зафаќа површина од 15 декари и постоел до средината на IV век. Посветен е на нимфите, кои според митологијата се женски божества – секогаш млади и убави, кои ги претставуваат силите на природата. Нивните светилишта обично биле градени во близина на вода и биле наречени нимфеуми. Според верувањата, ако жените пијат вода од изворот, полесно зачнуваат и раѓаат убави момчиња.
Од археолошкиот комплекс била истражена и античка вила. Таа е богато украсена со мермерни столбови на ѕидовите, фрески и прозорци. Зградата имала неколку простории, од кои некои се веќе изложени.
Слична раскошна декорација имала и другата проучена зграда, која веројатно претставувала мавзолеј. Во неа се пронајдени остатоци од неколку мермерни статуи и полихроматски мозаик.
Се претпоставува дека овој римски комплекс, целосно во склад со модата од тоа време во империјата, бил запален за време на готските инвазии во 376-382 година.
Фото: БГНЕС
