Три години од палежот на Културниот центар „Иван Михајлов“ – Љупчо Ѓоргиевски со нова порака до јавноста
На денешен ден се навршуваат три години од палежот на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, настан кој во јавноста предизвика бурни реакции и отвори прашања за состојбата со човековите права и меѓуетничките односи во земјава.
По тој повод, Љупчо Ѓоргиевски, претседател на сега забранетиот клуб „Иван Михајлов“, преку објава на социјалните мрежи се огласи со остар став, наведувајќи дека палежот бил „намерен удар врз бугарската заедница во Македонија“, а наместо праведна истрага, „жртвите биле претворени во обвинети“.
„Наместо да бидат осудени сторителите, државата ја насочи својата репресивна машина кон нас. Против мене беше покренато монтирано политичко дело. По три години по судовите, процесот заврши, но судот упорно молчи. Одлуката се одлага намерно – за тортурата да продолжи,“ пишува Ѓоргиевски.

Според него, „палачот е јасен – само инструмент“, додека „вистинските палачи се оние кои нарачуваат, штитат и прикриваат“. Тој истакнува дека „тие се познати“ и изразува уверување дека „еден ден ќе бидат соочени со вистината“.
Во статусот, Ѓоргиевски упатува и повик до меѓународната заедница, организациите за заштита на човековите права и независни медиуми, посочувајќи:
„Во европска Македонија, Бугарите се прогонувани поради својот идентитет. Вратите на Европа не можат да се отвораат со запалени клубови, погазени права и политички процеси.
Вистината не се гори. Историјата не се забранува. Бугарскиот дух не се предава“, стои во статусот на Ѓоргиевски.
