| |

Ковачев: По срамната пресуда за Ѓоргиевски, и јас изгубив на второстепен суд – продолжуваме до Стразбур

По пресудата против Љупчо Ѓоргиевски, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев објави на својот Фејсбук профил дека и неговата жалба за тоа што не му беше дозволен влез во државата на 6 мај 2023 година е одбиена на второстепено ниво. Тој најави дека ќе продолжи со жалбената постапка и пред Врховниот суд, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Делото е за тоа што на 6 мај, 2023 година, Ѓурѓовден, не ми беше дозволено да влезам во РСМ за традиционалното одбележување на Денот на храброста на бугарските воени гробишта кај Ново Село. Заедно со мене не му беше дозволен влез и на д-р Милен Врабевски, претседател на Фондација Бугарска Памет, и на уште тројца Бугари“, пишува Ковачев.

Според пресудата, на Ковачев не му било дозволено да влезе во Република Северна Македонија затоа што „ги поткопува безбедноста, фундаменталните вредности и интересите на државата“.

„Ете тоа е ‘демократска’ држава – кандидат за ЕУ“, додава тој и истакнува дека Ѓоргиевски добил две години условна казна за Фејсбук статус и уште едно обвинение за „расизам“, како и дека на некои членови на Европскиот парламент им се забранува влез во државата.

„Не се жалам, само констатирам. Сите со поддршка за Љупчо Ѓоргиевски!“, завршува Ковачев во својот статус.

Слични Објави