Грција ќе екстрадира македонски државјанин кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија
Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.

