(Видео) Ковачев за „македонскиот идентитет“: ЕП не е Академија на науките за да дава оценки
Европратеникот од ЕНП, Андреј Ковачев во интервју за бугарската телевизија БТВ, изјави дека Европскиот парламент не е Академија на науките, ниту институт за историја или лингвистика за да дава оценки за историски прашања. „Не е нормално премиерот да располага со информации кои ни ние како известувачи не ги знаеме, а уште помалку пред да бидат официјално соопштени“, рече Ковачев.
Тој додаде дека извештајот за напредокот на Македонија станал „терен за лобизам“ и оти не е јасно како се појавиле неколку спорни формулации. „На повеќе места се појавија текстови кои немаат место во ваков извештај. Македонија доби подадена рака од Бугарија и таа рака останува подадена. Но, не ми е јасно зошто се прават провокации, кога се споменуваат имиња како Гоце Делчев, Дамјан Груев, браќата Миладинови – тоа е наша заедничка историја. Во договорот пишува дека имаме заедничка историја. Јасно е дека наративот за историјата е клучен, затоа што кој ја контролира историјата, ја контролира сегашноста и иднината“, потенцираше Ковачев.
Од друга страна, претседателот на сега избришаниот културен клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, оцени дека Скопје само декларативно се движи кон ЕУ. „Македонските Бугари најмногу сакаме Македонија да оди по европскиот пат и да бидеме дел од европското семејство, затоа што видовме колку е подобро за живот во Бугарија. Но патот кон Европа води преку човековите права, а тие во Македонија, особено правата на Македонските Бугари, се еднакви на нула“, рече Ѓоргиевски.
Тој истакна дека припадниците на бугарското малцинство во Македонија се соочуваат со репресии: „Ни ги палат клубовите, пукаат по нив, тепаат активисти, ги затвораат здруженијата ретроактвно, монтираат судски процеси како во најмрачните времиња на комунизмот – за статуси на Фејсбук со цитати од историски личности.“
Имено, Ѓоргиевски беше осуден во прв степен токму поради објава на Фејсбук, за што му е изречена едногодишна условна казна затвор со две години условен рок. „Во 21 век да те осудат за Фејсбук статус – тоа не е пат кон Европа. Повеќе личи на пат Москва-Белград-Скопје“, оцени Георгиевски.
Според него, Македонија потпишува договори кои потоа не ги спроведува. „Тоа беше маска за пред Европа да се прикажеме како конструктивни и да ја излажеме и Бугарија и ЕУ“, додаде тој.
