Раѓањето на македонската нација (10)
Владимир Перев
1.
Останува нејасно кога и кому му текна да го отвора прашањето за “многувековната македонска нација и јазик“ и да бара за тие нешта официјално признавање од европските институции. Македонскиот јазик и нација се официјално признати од ООН, јазикот си има своја плочка во просториите на Ист Ривер, а институциите на Европската унија воопшто не се занимаваат со тие прашања. Како ли би изгледало некој да бара ЕУ да признае “многувековен“ италијански, германски, француски или пак дански и норвешки јазик и нација. Тоа се прашања вон нормалниот, логички начин на размислување, а предлогот на европратеникот Вајц е само фрлање магла во очите на европратениците, а во услуга на нејасните наши, македонски амбиции и национални комплекси…веројатно и во услуга на одржувањето на тензиите во општеството и позициите на актуелната власт. Некои мои албански пријатели, онака полу на шега ама и полу навистина, ме прашаа дали сме готови и да го признаеме многувековниот албански јазик на територијата на Северна Македонија, каде тој има уставно исти позиции како и македонскиот.
2.
Ако Груевски со својот проект Скопје 2014 година се обиде да го постави македонскиот народ, нација и јазик во некакви панелинистички рамки зацртани во грчката “Мегали идеја“, сега Мицкоски со барањето на признавање на “многувековните“ наши традиции се обидува да дојде до невозможното-да бидеме основата на Универзумот. Сето тоа зачинето со јасен антибугаризам и шовинистички и навредливи изјави кон бугарските традиции во Македонија и кон бугарските актуелни раководители. Намерата е видлива. Целта е да се попречи македонскиот пат кон Европа, а земјата да се постави во слугинско поданички однос кон Србија и Унгарија. Притоа се користат југоносталгичниот момент кај македонскиот народ, илузијата за вредностите на минатото време и лажливите ветувања за подоброто утре. Основната цел е оддалечувањето на македонскиот народ од бугарскиот, од заедничките историски традиции и приближување на Северна Македонија кон позициите на московскиот властодржец Путин. Тоа е провидна игра позната на сите, а реакциите ќе уследат кога сметките и долговите на земјата ќе се зголемат. Сепак, нема бегање од вистината, позната на сите!
3.
Не е точна тезата дека “Тито ни ја даде нацијата, јазикот и државата“. За ништо од тоа Тито не знаел, тој само се согласил со постоечката во тој момент ситуација, а за давање на некаква држава и државност, не може да стане збор. Уште во далечната 1947 година, познатиот деец на Македонскиот литературен кружок и агент на Коминтарната, Михаил Сматракелев, алиас Ангел Жаров, во една своја изјава ќе каже: “… Оваа идеја за македонската нација, денес е вметната веќе научно, јасно и категорично, но не датира од 1941 година. Ова прашање не го поставија македонските партизани, Титовите партизани. Ова прашање го постави уште ВМРО (Обединета), во 1932 година. Вистина е дека кога се постави ова прашање ние кои го поддржувааме постоењето на македонската нација, бевме нарекувани “предавници”, дури некои не нарекуваа “секташи” и т. н.“ Вака погледнато, станува спорно и повикувањето на АСНОМ во Преамбулата на Уставот, но сепак, едно е да се има амбиција за национално вообличување на македонскиот народ во 1932 година, а сосема друга работа е тоа да биде јасно, со акт констатирано, онака како е направено на АСНОМ 1944 година. Тука одново и одново се отвора прашањето за учеството и ролјата на Коминтерната во создавањето на македонската нација и јазик, учество кое е силно и решавачко, влијанние и решение со кое и Тито се помирил и го прифатил.
4.
Постоењето на Македонскиот литературен кружок во Софија е осмислено и организирано од агентите на Коминтерната, при што огромна заслуга имаат бугарските комунисти. Ако Ото Куусинен ја пре-отвори “Пандорината кутија“ за националното самоопределување на нациите, бугарските коминтерновци Алекси Величков, Дино Ќосев и Димитар Гачев го имаат решавачкото влијание. Во преписките со Владимир Поптомов и контактите со Сталин, процесот забрзано се реализира, за во навечерието на Втората светска војна да биде речиси сосема оформен. Фронтменот на Коминтерна и БКП Георги Димитров се вклучува во процесот веднаш по неговото пуштање од затворот Моабит, ама основите се веќе поставени. Тој е ударната сила за конечното дооформување на позициите на македонската нација и јазик. Така, многувековното наше постоење, се сведува на обичен насилен Коминтерновски проект, уперен кон раздробување на бугарската нација и држава, како и кон ревизија на пространствата на Грција, формирани со мировните договори по Првата светска војна. Почетното тивко несогласување на бугарските коминтерновци Васил Коларов, Антон Иванов, Станке Димитров, В’лко Червенков и другите, не ја ослободува БКП од историската одговорност (ама и заслугите) за формирањето на македонската нација и јазик. Префрлањето (од бугарска страна) на целокупната вина за овој јазично-национален инженеринг врз “конвертитот и преварант“ Димитар Влахов е самооправдување, самозалажување и разводнување на сопствената историска вина (или заслуга)?!
5.
Различна е судбината на предвесниците и “креаторите“ на македонската нација и јазик. Некои од членовите на Литературниот кружок како Вапцаров и Антон Попов завршуваат на стрелиштето, а некои како махерот и преварант Михаил Сматракалев успеваат да опстанат неповредени. За време на Втората светска војна тој е адвокат во Серес и е замешан во сите можни коруптивни зделки таму, за по војната да биде судија и да ги суди бугарските патриоти-антикомунисти! Во 1948 година бил главен судија во делото против бугарскиот патриот, емигрант во Канада Георги Младенов од Мосомиште. Во 1993 година, Сматракалев прима македонско државјанство лично од претседателот Глигоров.
Васил Иванов Бистришки станува главен уредник на Нова Македонија во Скопје, за по 1946-7 да ја смени плочата и да си замине за Бугарија, По 1948 година е суден во аферата со Трајчо Костов, завршува во затвор, за потоа да продолжи да живее бесмислен живот.
Горка е судбината на Димитар Влахов. Умира во Белград во 1953 година, презрен и отфрлен од сите, дури и од оние (македонците!) за чиј јазик и нација се залагаше.
Владимир Поптомов останува почитуван на своите позиции во Софија.
Алекси Величков умира од природна смрт во СССР за време на Втората светска војна. Има улица со неговото име во Благоевград. Неговиот внук, Анатолиј Величков стана потпредседател на партијата ВМРО СМД на Красимир Каракачанов и негов заменик-министер на одбраната на Бугарија. Понекогаш историјата, парите и меркантилноста, сите нас не проституираат!
6.
Многувековен македонски идентитет, јазик и нација не може да има во овие временски констелации. Ама, на почетокот од 2034 година, ќе се навршат цели сто години од почетокот на форматирањето на идејата за посебен македонски идентитет и јазик. Така ние, македонските бугари стануваме жртва на српската агресивност, руската подлост и колатерална штета на бугарското русофилство. Ќе треба да причекаме барем уште нецели девет години, за да ја прославиме нашата стогодишнина и да ги сумираме резултатите. Да не се залажуваме, сето тоа ќе стане под дебелите, тешки сенки на Коминтерната и другарите Џугашвили и Георги Димитров. Ако ние не се сетиме да ги споменеме, има кој да не потсети. Тоа се историски факти од кои не можеме да побегнеме. Да, сето тоа таму кажано не значи дека треба да биде некритички прифатено, но од фактите не може да се побегне. Желбата на македонците за слобода, не може да се претвори во наше и коминтерновско оружје на антибугаризам, оружје уперено кон народ со кој ние заедно сме патувале низ историјата цели 1300 години.
П.С. Мојот пријател Георги Лебамов од Форт Вејн, Индијана, САД, на 18 јули наполни 98 години. Му го честитам роденденот кој го помина во радост, опкружен со семејството. Му посакувам барем најмалку “столетие“…такви се нашите, “македонски“ амбиции!
Крај
