| |

Европските лидери со Зеленски во Вашингтон на разговори за Украина

Редица европски лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон во понеделник, во обид да се најде решение за ставање крај на руската инвазија врз Украина. Ова следи откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од инсистирањето за „итно“ примирје, по неговата средба на врвот во Алјаска со рускиот лидер Владимир Путин, јави Франс прес, пренесува БГНЕС.

Обезбедувањето прекин на огнот беше едно од клучните барања на Трамп пред состанокот со Путин, на кој Украина и европските сојузници не беа поканети. Но, откако средбата не донесе конкретен резултат, американскиот претседател се откажа од идејата за итно примирје – потег кој, според аналитичарите, оди во прилог на Кремљ. Киев и европските партнери ја оценија позицијата на Путин како тактика за добивање време и засилување на руското напредување на фронтот.

„По барање на претседателот Зеленски, утре ќе му се придружам на состанокот со претседателот Трамп и други европски лидери во Белата куќа“, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

На средбата ќе учествуваат и германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александер Стуб, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и британскиот премиер Киер Стармер. Потврдено е присуството и на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Премиерот Стармер, заедно со европските партнери, е подготвен да ја поддржи следната фаза од преговорите и да потврди дека поддршката за Украина ќе продолжи онолку долго колку што е потребно,“ соопшти Даунинг стрит.

Пред отпатувањето во Вашингтон, земјите од таканаречената „Коалиција на подготвени“ денеска попладне ќе одржат видеоконференција за можноста од тристран состанок меѓу Трамп, Путин и Зеленски, со цел Украина да има место на преговарачката маса. Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека главна тема ќе бидат безбедносните гаранции за Украина по завршување на војната.

„Добрата вест е што Америка е подготвена да учествува во обезбедувањето гаранции за безбедноста на Украина и не ја остава таа одговорност само на Европјаните. Но, и ние мораме да ја преземеме нашата улога,“ изјави Мерц.

Франција и Велика Британија веќе сигнализираа дека се подготвени да распоредат мировници во Украина по завршувањето на воените дејствија.

Слични Објави