|

Цариниците на Меџитлија спречија криумчарење на опасни хемикалии

На граничниот премин Меџитлија, на 26 август 2025 година, царинските служби пресекоа сериозен обид за криумчарење на опасни хемиски препарати за прскање растенија.

Во раните утрински часови, при рутинска контрола на патничко возило „Mercedes“ со македонски регистарски таблички, цариниците откриле скриени пестициди и фунгициди. Со возилото патувало семејство кое изјавило дека се враќа од одмор во Турција, влегувајќи во земјава преку Грција.

По детална проверка биле пронајдени вкупно 322 шишиња со хемикалии, и тоа:

  • 300 шишиња инсектицид “CORAGEN 20 SC”
  • 22 шишиња фунгицид “Bellis BASF”

Вредноста на откриените препарати изнесувала околу 16.058 евра.

Хемикалиите биле сокриени на повеќе локации: Во багажниот простор зад куферите со личен багаж, во просторот за резервна гума и под задните седишта.

Возачот не поседувал никаква дозвола за увоз на ваков вид производи, кои се под посебен режим на контрола. „Без соодветна документација, безбедноста на овие производи не може да се гарантира, што претставува ризик за здравјето и животната средина“, соопштија од Царинската управа.

Како резултат на откритието стоката е конфискувана, возилото е одземено, а против возачот е поведена кривична постапка.

Целиот случај е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, каде што ќе се продолжи со понатамошна постапка.



Слични Објави