(Видео) Музејот на магијата во родопското село Момчиловци е прв и единствен од таков вид во Европа
Добредојдовте во Музејот на магијата во родопското село Момчиловци! Тука актерот и илузионист Ненчо Илчев собрал десетици експонати од славната историја на бугарските илузионисти, јавува БГНЕС.
Музејот на магијата, отворен пред две години, е првиот и единствен од ваков вид во Европа. Сместен е во реставрираната зграда на старото килијно училиште во центарот на селото и работи секој ден, освен во среда.
Експозицијата содржи сценски костими, постери, оригинални предмети и реквизити кои им припаѓале на славните бугарски мајстори на илузијата: Мистер Сенко, Орфи, Астор, Факирот Мити и други. Еден од најимпресивните експонати е електричен стол од 1930-тите години, користен во илузионистички претстави. Бобината за столот, создадена лично од Никола Тесла за Мистер Сенко, е вистинскиот бисер на музејската поставка.
Меѓу најатрактивните експонати е и „Креветот на смртта“ – легендарна илузија на Орфи. На самиот влез е изложен афиш за негов настап, со личен автограм, кој Илчев го спомнува како инспирација за неговиот пат во светот на магијата.
Музејот располага и со богат реквизит на големиот Астор, маски и подароци од Лепас, како и материјали поврзани со Факирот Мити и Харди. Со оваа уникатна колекција, Музејот на магијата се вбројува меѓу примерите каде културното наследство и личната посветеност го претвораат селото во туристичка атракција – и за домашни, и за странски посетители.

