Тошковски: Институциите мора превентивно да дејствуваат за еколошка и безбедна Македонија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги повика сите надлежни институции за еколошка заштита да излезат на терен и да ги посетат легалните и дивите депонии, проверувајќи дали работат согласно дозволите, професионалните стандарди и законските правила.
„Треба еднаш засекогаш да сфатиме дека наместо да трчаме да го решаваме проблемот откако ќе се случи, сите надлежни институции превентивно да си ја работат работата за да не дојде до инциденти“, изјави тој по уништувањето на запленета дрога и оружје во „Макстил“.
Во врска со пожарот во фабриката во Трубарево, Тошковски потврди дека се водат информативни разговори со четири лица и за дел од нив се бара краткотраен притвор. „Сите дејствија кои треба да ги преземе како МВР ќе ги преземеме… за секој еден за кој што ќе има докази дека учествувал во ваков тип на криминал… ќе следуваат соодветни дејствија“, истакна тој.
Тој додаде дека реткост е во Македонија да се почитуваат професионални стандарди и обвини дека институциите се „дерогирани повеќе од 30 години“. „Ако МВР, Агенцијата за одземен имот, Макстил, ОБСЕ можат да ги почитуваат сите професионални стандарди… не гледам зошто не би требало да ги почитуваат и сите останати компании“, рече Тошковски.
„Должни сме конкретниот случај да го истражиме најдлабоко колку што можеме, но должни се и сите останати инспекторати, дирекции и други институции… да излезат на терен… да видат и дали постапуваат согласно професионални стандарди и законски утврдени правила на игра“, додаде министерот.

