Повеќе од 127 милиони патници ги користеле услугите на метрото во Софија во текот на минатата 2024 година
Софиското метро во текот на календарската 2024 година било користено од 127,2 милиони патници, што претставува зголемување од 33 милиони во споредба со 2023 година, кога услугите на подземната железница ги користеле 94 милиони граѓани. Податоците ги соопшти прес-службата на Град Софија, пренесува БГНЕС.
Метромрежата на бугарската престолнина моментално располага со 52 километри траса и 47 станици. Во изградба се уште 10 нови станици на три делници. Со пуштање во употреба на трите делници, софиското метро ќе порасне на 61 километар и ќе има вкупно 57 станици.
Во моментов по трите линии се движат 82 возови. Депото „Обелја“ располага со 52 четиривагонски состави кои сообраќаат на линиите 1, 2 и 4, а на линијата 3 се користат 30 тривагонски возови од депото „Землјане“. До средината на 2026 година се очекува испорака и пуштање во употреба на уште 8 нови четиривагонски мотриси од чешката компанија „Шкода“ за депото „Обелја“, како и 8 нови возови за линијата 3, произведени од „Сименс“.
Во експлоатацијата на софиското метро се вклучени околу 2000 вработени, од кои 391 се машиновозачи.
Раководството на „Метрополитен“ по повод Денот на Софија – 17 септември, им честита на жителите на градот и им посака секојдневно пријатно и брзо патување со најголемиот транспортен оператор на бугарската престолнина.
