|

ДИК преку жрепка ќе ги утврди кандидатските листи и распределбата на билборди за Локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе одржи седница на која ќе спроведе жрепка за утврдување на единствената листа на кандидати за претстојните Локални избори 2025, јавува Слободен печат.

Изборната кампања официјално започнува на 29 септември и ќе трае до 17 октомври, односно 24 часа пред денот на гласање. Граѓаните ќе ги избираат градоначалниците и советите на општините, како и Советот на Град Скопје, на 19 октомври, додека вториот круг е закажан за 2 ноември.

На овие избори ќе учествуваат речиси сите политички партии, коалиции и независни кандидати. Според ДИК, до вчера биле потврдени 303 листи за градоначалници и 558 листи за членови на советите. Во повеќе општини, меѓу кои Куманово, Аеродром, Карпош и Град Скопје, дел од листите се сè уште во постапка за отстранување неправилности – осум за градоначалници и 20 за советнички листи.

Покрај жрепката за редоследот на кандидатите, ДИК ќе спроведе и жрепка за распределба на рекламни паноа и билборди. Според правилата, партиите и кандидатите ќе можат да користат најмногу 50 отсто од вкупниот број билборди на територијата на општините и Градот Скопје.

Слични Објави