| |

 Хрка кон Вучиќ: Ти ги навредуваш сите. Плаќаш на мафијаши. Дојди да разговараме пред сите!

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка кој загина при уривањето на настрештницата на железничката станица во Нови Сад, веќе осми ден го продолжува својот штрајк со глад во центарот на Белград, јавува БГНЕС.

По повод изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека е подготвен да разговара со неа и дека неговата совест е „чиста“. Хрка оцени дека претседателот не ѝ се обратил директно, туку преку неговите медиуми, и ја критикуваше ваквата постапка:
„Рече: ‘Таа ме навреди, но ќе ѝ простам.’ Го прашувам претседателот – тој нè навредува сите цела година! Се заканува пред целиот свет дека ќе нè уништи! Јас ли треба да му простам за тоа што во саботата рече дека има натпревар? Кој треба да биде навреден? Јас не му простувам.“

Таа додаде дека не размислувала за мотивите на Вучиќ да ѝ се обрати дури една година по трагедијата:
„Ако навистина сака да разговара, нека дојде тука и нека разговара пред сите луѓе и пред сите медиуми. Ако се плаши од скандирање – тоа е негов проблем, не мој. Тој собира луѓе на кои им плаќа. Тоа се мафијаши, криминалци.“

Хрка го праша претседателот „зошто се плаши од сопствениот народ, а не се плаши да се појави меѓу затворениците“.

Таа веќе осум дена штрајкува недалеку од зградата на српското Собрание. Живее во шатор на улица и спие врз палети, откако ѝ било забрането да протестира пред самата зграда на парламентот, како што првично планирала. Им се заблагодари на сите што ја посетуваат, ја поддржуваат и ноќеваат во шатори покрај неа.

Штрајкот со глад Хрка го започна на 2 ноември, по комеморативниот собир во Нови Сад по повод годишнината од трагедијата на железничката станица, во која загинаа 16 лица. Мајката на Стефан Хрка бара покренување кривична одговорност за виновните, ослободување на сите приведени студенти и распишување вонредни парламентарни избори.



Слични Објави