Општина Аеродром се приклучи кон „Генералка викенд 2026“
Општина Аеродром и оваа година активно се приклучи кон „Генералка викенд 2026“ – најголемата еколошка акција во државата и регионот, која се реализира на повеќе од 500 локации во 80 општини, информираат од општината.
Во континуитет Општина Аеродром, додаваат од таму, спроведува еколошки иницијативи во соработка со компании, организации и колективни постапувачи, создавајќи систем што дава конкретни и мерливи резултати.
„Токму резултатите ја позиционираат Општина Аеродром како една од најактивните и најпосветени општини во државата во областа на селекцијата и рециклирањето отпад: 2,1 тон електронски отпад собран преку ЕЛКОЛЕКТ, 1,617 тони електронски отпад преку НУЛА ОТПАД, 57,95 тони отпадни гуми преку ГУМАТЕК, 6,67 тони отпадно стакло преку игло-контејнери, 240 тони селектирано стакло од локали и ресторани, 1,13 тони текстил преку специјални контејнери, со што Аеродром е водечка општина во државата, 0,15 тони отпадна пластика преку вендинг-машини.
Овие бројки се повеќе од статистика – тие се доказ дека со заедничка работа на институциите, образовните установи, компаниите и граѓаните, може да се создаде почиста, поздрава и поодговорна животна средина.
Во акциите за чистење, селектирање и рециклирање отпад учествуваа ученици, деца од градинките, волонтери од Црвен крст, Домот „11 Октомври“, општинската администрација, како и голем број граѓани. Паралелно се реализираа и едукативни активности за правилна селекција на отпад во училиштата и градинките, со цел подигнување на еколошката свест уште од најрана возраст.
Општина Аеродром останува посветена на инвестициите во еколошката инфраструктура, селекцијата и рециклирањето на отпадот, како и во градењето современа и одржлива урбана средина за сегашните и за идните генерации“.

