Радев: Северна Македонија мора да ги исполни преземените обврски за да напредува кон ЕУ
Бугарија останува цврсто посветена на европската перспектива на Северна Македонија, но напредокот кон членство во Европската Унија зависи од исполнувањето на веќе договорените услови, изјави премиерот Румен Радев во одговор на прашање кога Скопје ќе има можност да се приклучи кон ЕУ.
Според него, ставот на Бугарија е јасен и се темели на принципите што важат за сите земји кандидатки, пренесува БГНЕС.
„Секоја земја мора да ги исполни Копенхашките критериуми за пристапување. Не можеме да правиме компромиси со основните реформи – правната држава и владеењето на правото, човековите права и добрососедските односи“, нагласи Радев.
Тој посочи дека Бугарија е подготвена да им дава поддршка на сите земји на нивниот пат кон членство во ЕУ, вклучително и на Северна Македонија.
„Бугарија е подготвена да ѝ помогне на секоја земја кандидатка, особено на нашите браќа од Северна Македонија“, рече премиерот.
Радев потсети дека во јули 2024 година бил постигнат консензус за преговарачката рамка и дека оттогаш Софија очекува конкретни чекори од Скопје.
„Чекаме да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и оттогаш чекаме да ги внесат уставните измени и да ги впишат Бугарите во Уставот. Многу е едноставно“, заклучи тој.
