|

Директорот на БЈБ Јанев: Македонската и италијанската полиција ги продлабочуваат партнерството и заедничката борба против современите безбедносни закани

Со поддршка на проектот EU4FAST-WB, координиран од програмската канцеларија EMEA за Европа, Блискиот Исток и Африка при Централната дирекција за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Италија, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со македонска делегација, во изминатите два дена реализираше работна посета на Италијанската државна полиција.

Во рамки на посетата беше спроведена сеопфатна и интензивна работна агенда, исполнета со низа состаноци со раководствата и експертските тимови на Италијанските карабинери, службите надлежни за борба против тероризмот и современите безбедносни закани, сајбер безбедноста и сајбер истрагите, заштитата на децата во дигиталниот простор и критичната инфраструктура, граничните работи и миграцијата, безбедноста на градот Рим, меѓународната полициска соработка и размената на информации, како и со ИТ-дирекцијата задолжена за дигиталната безбедност и функционирањето на европските системи EES и ETIAS.

На средбите се разговараше за организацијата и начинот на функционирање на службите, нивната филозофија на работа и предизвиците со кои се соочуваат, како и за заедничките безбедносни закани и можностите за натамошно продлабочување на соработката. Заеднички беше оценето дека македонската и италијанската полиција веќе имаат воспоставено цврсти партнерски односи, засновани на меѓусебна доверба, професионалност и отвореност.

Во таа насока беа дефинирани идните приоритети и беше подготвена рамка за понатамошно унапредување на соработката преку побрза и непосредна размена на сознанија и информации, спроведување заеднички операции, организирање специјализирани обуки и тренинзи, работилници и студии на случаи, како и заедничко проучување и спротивставување на феномените на тероризмот, организираниот криминал и мафијашките структури.

Италијанската полиција поседува значајно искуство и експертиза, особено во борбата против мафијата, финансиските истраги, откривањето и конфискацијата на нелегално стекнат имот, како и во справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам. Овие знаења и искуства ќе продолжат континуирано да се пренесуваат на македонските полициски истражители, придонесувајќи кон зајакнување на капацитетите и унапредување на безбедноста на РС Македонија, Италија, регионот и Европа.

„Со особена гордост можам да истакнам дека македонската полиција останува силен, доверлив и рамноправен партнер на Италијанската државна полиција. Основите што ги зацврстивме за време на оваа посета претставуваат дополнителен импулс за продлабочување на нашите односи и сум уверен дека како партнери ќе продолжиме заеднички да делуваме во сите области во кои се поклопуваат нашите заеднички цели, вредности и визии за безбедна и стабилна иднина“, истакна директорот на БЈБ, Александар Јанев.

 

Слични Објави