Ќустендил одбележува 132 години од раѓањето на Димитар Пешев
Ќустендил денеска на 25 јуни одбележува 132 години од раѓањето на Димитар Пешев, еден од достоинствените Бугари на 20 век, jaвува Пиринско. Чествувањето започна во 11:00 часот по локално време пред неговиот споменик на централниот плоштад „Велб’жд“, со пригодно обраќање и положување цвеќе.
Пешев е роден на 25 јуни 1894 година во Ќустендил. Студирал право на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, а по Првата светска војна работел како судија, обвинител и адвокат. Во 1935 година бил министер за правда, а подоцна и потпретседател на XXIV и XXV Народно собрание.
Димитар Пешев е носител на званието „Праведник меѓу народите“, доделено од Меморијалот Јад Вашем во Израел, за неговата улога во спасувањето на бугарските Евреи од логорите на смртта. Неговото писмо од 17 март 1943 година, поддржано од 42 пратеници, спасило илјадници човечки животи.
Во 1973 година Пешев го добил највисокото признание во Израел, а во 1997 година постхумно бил одликуван со бугарскиот орден „Стара планина“ и прогласен за почесен граѓанин на Ќустендил. Во негова чест се подигнати споменици и спомен-плочи во повеќе градови низ светот.

