Проф. д-р Пимпирев покани романски научници да се приклучат во 35-та бугарска поларна експедиција
Претседателот на Бугарскиот антарктички институт, проф. д-р Христо Пимпирев, покани романски научници да се приклучат во 35-та поларна експедиција и да работат заедно со нивните бугарски колеги. Поканата беше упатена за време на мешаниот поларен научен симпозиум на романски и бугарски научници, што се одржува во Констанца, Романија, јавува БТА.
„Ние сме соседи од многу одамна. Живееме заедно со векови. Затоа сум многу среќен што почнуваме да работиме заедно во поларните региони“, изјави проф. Пимпирев. Тој нагласи дека за него би било задоволство романските научници да учествуваат во експедицијата, како на бродот, така и на терен, во истражувања на водата, морето и земјата.
Пимпирев потсети дека Бугарскиот антарктички институт почнал со работа во 1993 година, а романскиот една година подоцна. Според него, денес Бугарија е „хаб“ за балканските држави што сакаат да се вклучат во истражувања не само на Антарктикот, туку и на Арктикот.
Тој посочи дека Бугарија има добра соработка со турски и грчки истражувачи, а турски научници повеќе од десет години ја посетуваат бугарската база на Антарктикот.
Проф. Пимпирев изрази надеж дека Романија наскоро ќе го прошири својот фокус од Црното Море кон океаните. „И океаните се многу важни за човештвото. Да ја прошириме нашата дејност со научни истражувања во океанот. Да го правиме тоа заедно“, порача тој.

