Општина Дупница прогласи тридневна жалост за загинатите во реката Струма
Општината Дупница во Бугарија прогласи тридневна жалост во спомен на загинатите баба, дедо и нивните две внучиња во реката Струма. Со заповед на градоначалникот Прван Дангов се прогласува тридневна жалост, почнувајќи од понеделник, пренесува БГНЕС.
Во знак на почит кон споменот на починатите, националното знаме и знамето на Европската унија пред зградата на Општинската администрација, како и оние на јарболите на плоштадот „Слобода“, ќе бидат спуштени на половина копје. Во деновите на жалост нема да се одржуваат јавни свечености, како и културни, забавни и музички настани организирани од Општина Дупница.
Градоначалникот Прван Дангов го изразува своето најискрено сочувство до семејството и блиските на загинатите. „Во овие тешки денови целата заедница тагува заедно со нив и ја споделува болката од оваа огромна човечка трагедија. Доколку има потреба, Општина Дупница ќе им укаже и финансиска поддршка на блиските во врска со претстојните погребни церемонии“, соопштија од Општината.
